Собраниско раководство



Вторник, 7 јули 2009 година

Претседателот Вељаноски го отвори 48-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид

Почитувани дами и господа,
екселенции,
драги пријатели,

Балканскиот фестивал на народни песни и игри со својата содржина денеска претставува препознатлива културна манифестација не само за Охрид и за Макeдонија, туку и во регионот, но и пошироко. Причината за ова е фактот дека неговата содржина ни ја претставува една од оние најзначајни креативности на човекот, но и универзална вредност на човековата цивилизација, а тоа е музиката и фолклорот. Во истовреме народните песни и фолклорот се дел од културното и националното битие на секој народ.
Ваквите манифестации имаат и уште една многу значајна димензија, а тоа е запознавањето со културата на најразлични народи и надминување на некои стереотипи, па, ако сакатe и антагонизми кои за жал се присутни.

Фактот дека вашиот фестивал се одржува по 48 пат и на него учествуваат фолклорни групи од регионот, наши соседи, но и пошироко од Европа и други континенти ја потврдува од една страна таа универзална категорија на музиката, односно на народните песни и игри која не познава граници, не познава дневна политика, не познава јазични и култури бариери и разлики. Верувам дека нашето оро Тешкото ќе го разберат и ќе предизвика емоции и во регионот и во Европа, но и на која било точка во светот. Исто како, што за нас е разбирлива полката, или темпераментната игра на африканските народи, или префинетиот танц на далекуисточните народи.  

Драги пријатели, 

Македонскиот народ е познат по тоа што токму преку народните песни и игри ги изразувал  своите чувства и кога бил среќен или кога бил тажен, кога заминувал на печалба, но и кога се борел за својата слобода. Да потсетам на една мисла на големиот хрватски писател Мирослав Крлежа кој запишал "Македонија е земја во која на волшебниот дух на тапан Богородица танцува босонога".

Но во истовреме секогаш сме биле отворени и за музиката и за народната песна и игри на нашите соседи, а и пошироко. Таа отвореност  и тој почит до другиот, различниот од нас,  секогаш сме знаеле да ја покажеме. 

Како Македонци, сме знаеле и во оние најтешки времиња за нас  да го зачуваме нашиот фолклор, да ја зачуваме нашата народна песна и да ја пренесеме на идните поколенија. Токму ваквите манифестации како што е Балканскиот фестивал на народни песни и игри дава свој придонес во зачувувањето и развивањето на македонската народна песна и игра, т.е. на нашиот фолклор.

Зато во оваа пригода сакам  да изразам пофалба и благодарност до организаторите на оваа манифестација Центарот за култура Григор Прличев од Охрид,  како и на Министерството за култура, со чија материјална помош се организира овој фестивал. 

Дами и господа, почитувани пријатели, драги учесници,  

Верувам дека и годинава вашиот Фестивал ќе помина како и сите изминати во духот на онаа убавина и задоволство кое  ни го носи народната песна и игра без разлика од кои меридијани доаѓа. Верувам дека нашите гости кои настапуваат, овде меѓу нас ќе се чувствуваат пријатно што би рекле, како дома, уживајќи во убавините на Охрид и запознавајќи го нашето културно и национално богатство и дека за секогаш во нивното сеќавање ќе останат пријатните доживувања од посетата на Охрид и Македонија.

Дозволете со ова да го прогласам четириесет и осмиот Балкански фестивал на народни песни и игри за отворен.

Click