Собраниско раководство



Среда, 23 јуни 2010 година, Берн, Швајцарија

Билатерална средба меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија и швајцарскиот претседател на Советот на држави

При официјалната посета на Берн, Швајцарија, од страна на македонската парламентарна делегација, швајцарскиот претседател на Советот на држави (претседавач со Горниот парламентарен дом), г-ѓа Ерика Форстер-Ванини и претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, остварија билатерална средба. 

На срдечната средба се разговараше за прашања поврзани со евроатлантскиот интегративен процес на Република Македонија и прашањата поврзани со спорот за името, како и за последиците од светската економска криза врз економиите на двете држави. Двете страни ja истакнаа важноста од развивање на соработката меѓу двата парламенти и истражувачката поддршка на нивната законодавна работа. 

Претседателот Вељаноски се заблагодари за помошта во формирањето на Парламентарниот институт во Собранието на Република Македонија.

„Пратениците се менуваат, но Парламентарниот институт ќе остане и ќе претставува сведоштво на она што го градиме заедно со Швајцарија“, истакна претседателот Вељаноски.

На крајот на средбата претседателот Вељаноски упати покана до претседателот на Советот на држави, г-ѓа Форстер-Ванини, да ја посети Република Македонија.

Парламентарниот институт ќе нуди истражувачки и аналитички услуги за пратениците и службата, со цел промоција на законодавната и надзорната улога на Собранието на Република Македонија и севкупните собраниски капацитети. 

За време на посетата на Швајцарија, претседателот Вељаноски беше придружуван од потпретседателот на Собранието, г. Јани Макрадули, пратениците: г-ѓа Силвана Бонева, г. Тахир Хани, г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Флора Кадриу, г-ѓа Роза Топузова Каревска, г. Кенан Хасипи и генералниот секретар г. Жарко Денковски.

Вкупната вредност на швајцарската донација за проектот на Парламентарниот институт изнесува околу 2.5 милиони евра.  

Click