Собраниско раководство



Сабота, 22 мај 2010 година, Рим
 
Државна делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на одбележување на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил" во Рим

Државната делегација на Република Македонија предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во рамките на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил", која секоја година се одржува во главниот град на Италија, беше на аудиенција кај папата Бенедикт 16

На аудиенцијата кај Неговата Светост Папата Бенедикт 16 претседателот Трајко Вељаноски искажа длабока почит и благодарност за приемот, ги пренесе поздравите упатени од државниот врв на Република Македонија и го посочи значењето на пасторалната мисија на Неговата Светост, несебичното залагање за мир, солидарност и љубов меѓу сите народи, имајќи ги предвид сите искушенија и предизвици со кои светот се среќава.

Неговата Светост Папата Бенедикт 16 на аудиенцијата изрази надеж за скоро решавање на спорот со името на Република Македонија и истакна дека секој има право да го користи сопственото име. Претседателот Трајко Вељаноски ја искористи можноста уште еднаш да упати покана до Папата Бенедикт 16 да ја посети Република Македонија.

Претседателот Трајко Вељаноски оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Тарчисио Бертоне при што изрази благодарност за принципиелната поддршка која Република Македонија ја добива од Светата столица. Претседателот Вељаноски истакна дека Христовото учење, верата и црквата заедно со јазикот и писменоста кои светите браќа Кирил и Методиј му ги оставија на македонскиот народ се темелни вредности врз кои е дефиниран, и врз кои се развива нашиот национален и културен идентитет.

  
Во официјалната делегација, покрај претседателот Трајко Вељаноски се и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, заменик- координатор на пратеничката група на ДУИ, г. Сафет Незири, заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ, г. Марјанчо Николов, заменик-координатор на пратеничката група на НСДП, ЛП и НА, г. Горан Мисовски, заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија, г. Зоран Петров, заменик-министер за култура на Република Македонија, г. Драган Недељковиќ, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Република Македонија, г-ѓа Валентина Божиновска.

Делегацијата задутре, на 24 мај, ќе учествува на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата "Сан Клементе" во Рим.

Click