Собраниско раководство



Среда, 5 мај 2010 година

Претседателот на Собранието на република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими министерот за надворешни работи на Република Бугарија, г. Николај Младенов

Во разговорите и двете страни ги истакнаа високоразвиените билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија на сите полиња, а кои со во корист на двете држави, но имаат и значајна улога во стабилноста на целиот регион и пошироко

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, ја истакна парламентарната соработка  на двата законодавни дома, која се одвива на најразлични нивоа, а во тие рамки очекува наскоро да биде реализирана официјалната посета на претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цецка Цачева -Данговска.

„Како одговорни политичари треба и понатаму да работиме на продлабочување на билатералните односи, да ги надминуваме некои историски предрасуди и стереотипи, односно да поаѓаме од нашите заеднички интереси, а тоа се евроатлантските интеграции“, истакна претседателот на Собранието, г. Вељаноски.

Претседателот Вељаноски изрази благодарност за досегашната поддршка што Република Бугарија ја дава во остварувањето на нашата интеграција во НАТО и во ЕУ, а побара и поддршка во Советот на Европа каде што Република Македонија го презема претседавањето со Комитетот на министри на оваа најстара европска институција.

На средбата стана збор и за економската соработка, која има можност да се развива со поголема динамика и во различни форми.

„Република Македонија и Република Бугарија, како две соседни држави со вака поставени билатерални односи, придонесуваат во стабилноста и развојот на целиот регион, но и пошироко“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко  Вељаноски.

Бугарскиот министер за надворешни работи, г. Николај Младенов, ја истакна високоразвиената парламентарна соработка меѓу двата парламента, која дава голем придонес на вкупните билатерални односи.

„Билатералната соработка меѓу нашите држави има голема позитивна улога во стабилноста и европската иднина на регионот. Наша определба е тие односи со Република Македонија да ги продлабочуваме, затоа во целост ја поддржуваме Република Македонија во остварувањето на нејзината евроатлантска перспектива. Не може напредокот или бенефитот за една држава да биде на сметка на друга, затоа навистина и искрено сакаме Република Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ, бидејки вие тоа го заслужувате“, истакна бугарскиот министер за надворешни работи, г. Никоја Младенов.

Click