Собраниско раководство

Понеделник, 7 јуни 2010 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, НА ОСМАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ ОД ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ПРОЦЕСОТ ЗА СОРАБОТКА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

На Осмата конференција на претседатели на парламенти од земјите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, која од 6 до 8 јуни 2010 година се одржува во Анталија, Република Турција, учествуваат претседателите на парламентите од регионот, како и претставници од повеќе европски парламентарни собранија и институции. Конференцијата е концентрирана на натамошна регионална соработка и институционализација. Се очекува тоа да доведе и до создавање на парламентарно собрание, што во другите региони во Европа е веќе одамна присутна пракса, која резултира со бенефит за сите учесници.

Средби со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, г. Мехмет Али Шахин и претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, г. Ранко Кривокапиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на Осмата конференција на претседатели на парламенти од земјите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари средба со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција.

Домаќинот на конференцијата, г. Мехмет Али Шахин, на почетокот на средбата го искажа задоволството што и овојпат Република Македонија се покажува како вистински пријател на Република Турција, земајќи учество на оваа значајна конференција, со што не само што се унапредуваат традиционално добрите односи меѓу двете држави, туку Република Македонија ја покажува својатa подготвеност да даде свој придонес кон зајакнување на односите меѓу државите од Југоисточна Европа. Тој, воедно, изрази убеденост дека оваа конференција, посветена на перспективите од формирањето на парламентарно собрание, ќе ја постигне својата цел, ќе ги подобри односите меѓу земјите од Југоисточна Европа, но и ќе биде поттик за нивна идна соработка.

Претседателот на Големото народно собрание, г. Али Шахин, посочи дека Република Турција одблизу ги набљудува и поддржува аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија и НАТО и дека Република Турција жали што покрај сите вложени напори на Република Македонија, постојат пречки на тој пат.

„Секоја држава има право да го користи своето уставно име и вие имате право да го користите вашето“, истакна претседателот на Големото народно собрание на Република Турција.

Претседателот Вељаноски го истакна значењето на конференцијата и искажа поддршка за донесувањето на Финалната декларација, која се очекува да ја подобри работата и делувањето на ПСЈИЕ, како и да биде придобивка за целиот регион.

Во текот на средбата, претседателот Вељаноски истакна дека во Република Мaкедонија, како мултикултурна, мултиетничка, мултиконфесионална заедница, длабоко е вграден принципот на меѓусебно разбирање, толеранција и соработка и дека токму во овој период кога Европа се соочува со тешки предизвици, толеранцијата и дијалогот се решение за истите. Во таа насока, го искажа своето убедување дека очекува Република Македонија во најскоро време да стане членка на ЕУ и НАТО.

Денеска, претседателот Вељаноски се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, г. Ранко Кривокапиќ. На средбата, која помина во пријателска атмосфера, двајцата претседатели се согласија дека нема што да се поправи во односите меѓу двете држави, кои се коректни, без отворени прашања и единствено може да се работи на нивно унапредување и зајакнување.

Притоа, соговорниците ги потенцираа евроатланските аспирации на двете држави и изразија подготвеност за заемна поддршка и размена на искуствата на патот на добивање членство во ЕУ и НАТО.

Претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, во однос на спорот со името, кој Република Грција го постави како пречка за добивање на датум за отпочнување на преговори на Република Македонија со Европската унија, ја потенцираше својата убеденост дека токму на патот кон Европската унија секое непотребно усложнување претставува апсурд и истото е тешко разбирливо и прифатливо. Тој воедно изрази надеж дека ќе се изнајде решение и многу скоро и Република Македонија и Република Црна Гора ќе станат дел од европското семејство.

Претседателот Вељаноски со задоволство ги прифати поканите за возвратни официјални посети на Република Турција и Република Црна Гора, кои ги доби од своите колеги.
Click