Собраниско раководство

Сабота, 1 мај 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска на светската изложба Шангај Експо 2010 свечено го отвори македонскиот павилјон

Вчеравечер претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, беше гостин на свечената вечера, што по повод отворањето на Експо 2010, ја приреди претседателот на НР Кина, г. Ху Џинтао, а на која присуствуваа педесетина шефови на држави, претседатели на парламенти и влади. Високите гости заедно ја проследија и спектакуларната програма, по што светската изложба Експо 2010 беше официјално отворена

Денеска претпладне, претседателот Вељаноски го посети изложбениот простор на Експо 2010 и свечено го отвори павилјонот на Република Македонија. На отворањето присуствуваа националниот комесар на Република Македонија за Шангај Експо, заменик-министерот за економија, г. Методија Хаџи Васков и членовите на Парламентарната група за македонско-кинеска соработка, г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Цветанка Иванова и г. Џеват Адеми.

Националниот комесар Хаџи Васков на членовите на делегацијата им го претстави просторот во македонскиот павилјон, дизајниран во форма на пчелино саќе испреплетено со мотиви од урбани средини и пејзажи од Република Македонија, што во целост се вклопува со мотото на Експо 2010 „Подобар град, подобар живот“.

Исто така, претседателот Вељаноски во Шангај се сретна со потпретседателот на НР Кина, г. Ши Џинпинг. На средбата присуствуваа и останатите членови на собраниската делегација г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Цветанка Иванова и г. Џеват Адеми.

Потпретседателот на НР Кина, г. Ши Џинпинг, најпрво се заблагодари за дадената помош и поддршка за учеството на Република Македонија на Шангај Експо 2010 и искажа задоволство од постигнатото мошне високо ниво на вкупните односи меѓу двете држави, што ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање.

„Убеден сум дека соработката меѓу нашите две земји на различни полиња уште повеќе ќе се продлабочува и ние сме подготвени да ги засилиме нашите активности. Притоа се надевам дека ваквите добри односи на сите останати полиња ќе придонесат за интензивирање особено на економската соработка“, истакна претседателот Вељаноски.

Потпретседателот на НР Кина, г. Ши Џинпинг, истакна дека учеството на Република Македонија на Шангај Експо 2010 ја покажува почитта кон НР Кина како домаќин на овој извонредно голем и значаен настан.

„Се надевам дека вашиот павилјон ќе постигне целосен успех и ќе ги покаже шармот и убавините на Република Македонија пред светската јавност", рече г. Ши.

Воедно, тој нагласи дека кинескиот и македонскиот народ ги врзува традиционално пријателство, а односите меѓу двете земји се развиваат во различни области од заеднички интерес, што се потврдува и со интензивирањето на меѓусебните средби на различни нивоа.
Click