Собраниско раководство



Петок, 18 јуни 2010 година

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска го прими Генералниот секретар на НАТО Андерс Расмусен

Република Македонија продолжува со остварување на нашите стратешки определби, а тоа е членството во НАТО и во ЕУ, истакна на почетокот од средбата претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Фактот дека над 4 проценти од вкупниот број на Армијата на Република Македонија денес учествуваат во мировните мисии во Авганистан и во други држави, покажува дека сакаме во целост да ја понесеме нашата обврска кога станува збор за зачувување на мирот и борбата против меѓународниот тероризам и сите оние предизвици кои го загрозуваат светскиот мир. Односно, иако не сме членка на НАТО ние ги преземаме и ги остваруваме сите обврски како полноправна членка, а тоа ни го признаваат скоро сите држави-членки на Алијансата.

Осврнувајќи се на резултатите од неодамнешното истражување на јавното мислење во кое се забележува мал пад на поддршката за членство во ЕУ и во НАТО, Вељаноски истакна дека тоа не е насочено против евроатлантските интеграции туку е резултат на политиката на Грција, која го злоупотребува својот статус на членка и нè блокира.

„Ако не се случеше Букурешт, ако добиевме датум за преговори со ЕУ уште во октомври минатата година, јас сум убеден дека апсурдниот спор со нашето уставно име денес ќе беше затворено прашање“, истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

„Сепак, фактот дека над 80 проценти од граѓаните ги поддржуваат евроатлантските интеграции нè обврзува да продолжиме со преговорите за изнаоѓање на компромисно решение, а и да продолжиме со реформите. Притоа сакам да истакнам дека решението за името не смее да го  загрозува националниот или јазичниот идентитет на македонскиот народ“, додаде претседателот Вељаноски. 

Зборувајќи за соработката со Парламентарното собрание на НАТО, претседателот Трајко Вељаноски, истакна дека македонската парламентарна делегација, како асоцијативна членка, редовно учествува на пленарните сесии на Парламентарното собрание на НАТО, како и во другите активности. Во октомври Собранието на Република Македонија ќе биде домаќин на состанокот на познатиот Рос-Рот семинар, истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Расмусен, истакнувајќи го придонесот на Република Македонија во мировните мисии во Авганистан и во други држави, подвлече дека со ова Македонија ја покажува својата волја и определеност за зачувување на светскиот мир.

„Јас сум убеден дека кога ќе станете членка на НАТО вашиот придонес и вашата улога ќе бидат многу значајни за Алијансата во целост. За жал, на тој пат има само една пречка, а тоа е прашањето со името. Затоа НАТО, како организација, и јас лично, ги охрабруваме двете влади што е можно побрзо да најдат решение за овој спор. Имено, мислам дека ова прашање не смее да ги доведува во прашање интегративните процеси на вашата држава. Членството во НАТО и во ЕУ секако е бенефит за вас, но тоа е во интерес на регионот, но и на евроатлантските асоцијации“, истакна генералниот секретар на НАТО, Андерс Расмусен.

Click