Собраниско раководство

Четврток, 17 јуни 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со делегација на Народноослободителната Армија на Народна Република Кина

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска ја прими делегацијата на Народноослободителната армија на Народна Република Кина, предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал Ма Ксиао Тиан.

На средбата, претседателот Вељаноски потсети на неодамнешната посета на Народна Република Кина и неговите средби со претседателот на Секинескиот народен конгрес, г. Ву Бангуо, како и на учеството на свеченото отворање на Светската изложба Шангај ЕКСПО 2010, каде што имаше средба со претседателот на Народна Република Кина, г. Ху Џин Тао, и истакна дека и оваа посета на армискиот врв на Народна Република Кина е во функција на натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави и народи.

„Република Македонија денес е значаен фактор на стабилноста во регионот. Наша стратешка определба се евроатлантските интеграции, но во исто време посветуваме особено внимание на целокупните односи со Народна Република Кина, а изразуваме и благодарност за вашата принципиелна политика и признавањето на Република Македонија под уставното име“, истакна претседателот Вељаноски.

„Во тие рамки, Република Македонија ја поддржува политиката за една Кина и нејзината целовитост. Особено ја цениме улогата и придонесот на Народна Република Кина како велесила и постојана членка на Советот за безбедност на ОН во зачувувањето на светскиот мир. Верувам дека и во иднина овие пријателски односи ќе ги продлабочуваме. Притоа, особено треба да се нагласи соработката во полето на економијата и дека кинеската бизнис заедница има интерес за поголема присутност кај нас“, истакна претседателот Вељаноски.

Заменик-началникот на Генералштабот на Народноослободителната армија на Народна Република Кина, генерал Ма Ксиао Тин, заблагодарувајќи се за средбата, истакна дека Народна Република Кина високо ги цени пријателските односи со Република Македонија.

„Народна Република Кина во Република Македонија гледа значаен субјект на стабилноста во регионот и пошироко, затоа се надеваме и ве поддржуваме во вашите европски стратешки определби. Без разлика на географската оддалеченост и големина, за нас Република Македонија е рамноправен партнер и вистински пријател. Во тие рамки, сакам да истакнам дека со Армијата на Република Македонија имаме воспоставено многу добри односи на соработка, кои и понатаму ќе ги развиваме“, истакна заменик-началникот на Генералштабот на кинеската армија, генерал Ма Ксиао Тиан.
Click