Собраниско раководство



Вторник, 22 јуни 2010 година, Берн, Швајцарија

Претседателот на Собранието на Република  Македонија Трајко Вељаноски свечено го размени Меморандумот за разбирање со директорот на одделот за соработка со Источна Европа од Швајцарската Агенција за развој и соработка – СДЦ Хуберт Ајзел

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го размени Меморандумот за разбирање за спроведување на проектот „Поддршка на основањето и развојот на Парламентарниот институт“ со г. Хуберт Ајзел, директор на Одделот за соработка со Источна Европа и член на Директоратот на Швајцарската агенција за развој и соработка - СДЦ

Со денешниот чин свечено се одбележа соработката по повод основањето на македонскиот Парламентарен институт, откако на 17 мај во Скопје беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу претседателот Вељаноски и амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, г. Никол Вирш.  

„Република Македонија е позитивен пример меѓу земјите од Западен Балкан“, истакна г. Ајзел. Тој изрази големо задоволство дека највисоките претставници на македонскиот парламент и заедно сите политички партии го востановуваат професионалниот и непартиски Парламентарен институт, кој ќе ја поддржува главната улога на законодавната власт во рамките на уставната демократија.

„Швајцарија со задоволство ја поздравува одлуката на Собранието на Република Македонија за основање на Парламентарен институт, како финансиски, така и преку пренесување на швајцарското искуство и експертиза. Швајцарија ќе го следи спроведувањето на новиот Институт со голем интерес и очекувања“, истакна понатаму г. Ајзел.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во оваа свечена прилика на размена на Меморандумот за разбирање, накусо уште еднаш се осврна на заедничките цели и очекувања, истакнувајќи дека се познати заедничките заложби во Собранието на Република Македонија за зајакнување на  сeвкупните парламентарни капацитети, тргнувајќи притоа од целта Парламентарниот институт да биде професионална и независна аналитичко-истражувачка служба која ќе му обезбеди на Собранието и на пратениците објективни анализи, компаративни анализи и анализи на закони, пристап до модерен архивски систем и истражувачка библиотека.

Парламентарниот институт, преку истражувачките и аналитичките услуги кои редовно ќе ги обезбедува за пратениците и службата, ќе врши  промоција на законодавната и надзорната улога на Собранието на Република Македонија и јакнење на сeвкупните собраниски капацитети. 

За време на посетата на Швајцарија, претседателот Вељаноски беше придружуван од потпретседателот на Собранието, г. Јани Макрадули, пратениците: г-ѓа Силвана Бонева, г. Тахир Хани, г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Флора Кадриу, г-ѓа Роза Топузова-Каревска, г. Кенан Хасипи и генералниот секретар на Собранието, г. Жарко Денковски.

Парламентарната делегација размени искуства со пратениците од Швајцарија, особено околу прашањата за транспарентноста, отворената и повеќејазичноста.   

Во среда, 23 јуни, претседателот Вељаноски ќе се сретне со швајцарскиот претседател на Советот на држави, г-ѓа Ерика Форстер-Ванини.

Click