Собраниско раководство



Вторник, 4 мај 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски го прими вицепремиерот и министер за надворешни работи на Израел, г. Авигдор Либерман

На средбата и двете страни истакнаа дека билатералните односи се многу добри и во нагорна линија, што секако е во корист на двете држави, но и пошироко.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, правејќи историски пресек на односите меѓу двата народи кои започнуваат уште во 15 век, кога на овие простори се доселуваат Сефрадиските Евреи, истакна дека низ векови е создадена вистинска симбиоза на заеднички живот, која за жал беше насилно прекината во 1943 година, кога над 7200 македонски Евреи беа депортирани во Треблинка, каде што беа брутално ликвидирани.

„Тоа заедништо, но и таа трагедија на нашите сограѓани е дел од нашето историско паметење, со единствена порака - холокаустот никогаш да не се повтори“, истакна г. Вељаноски.

Осврнувајќи се на парламентарната соработка помеѓу Собранието и Кнесетот, претседателот Вељаноски истакна дека во Собранието има формирано група за пријателство со Израел.

„Исто така, очекувам во втората половина од годинава или на почетокот на идната да ја реализирам официјалната посета на Израел на покана од мојот уважен колега Рувлен Ривли, претседател на Израелскиот Кнесет. Сето ова зборува за динамични и пријателски односи, затоа очекувам и во иднина Израел да продолжи со својата поддршка на Република Македонија во остварувањето на нашите стратешки цели, а тоа се евроинтегративните процеси“.

На средбата, претседателот на Собранието, г. Вељаноски, се осврна и на економските односи кои сè уште не ги следат високоразвиените политички односи.

„Мислам дека и кај двете стопанства и бизнис-заедници има интерес за ова и за развивање на повисоки форми на економска соработка“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски. 

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Израел, г. Авигдор Либерман, заблагодарувајќи се за средбата истакна дека Израел и израелскиот народ високо го ценат фактот дека Евреите во Македонија секогаш живееле и живеат во мир, заедништво и безбедно. Во рамките на вкупните билатерални односи парламентарната соработка има значајно место.

„Затоа, навистина очекувам до крајот на годинава да го посетите Израел, бидејки ние, како релативно млади демократии, имаме што да научиме едни од други“, истакна министерот за надворешни работи на Израел, г. Либерман.

„Израел посветува големо внимание на создавање на високоразвиени односи со државите во регионот, а во тие рамки посебно ги цениме односите со Република Македонија, која има значајна улога во стабилноста на целиот регион“, истакна г. Либерман.

„Затоа, Израел и понатаму принципелно ќе ја поддржува Република Македонија во остварувањето на нејзините стратешки определби за членство во НАТО и во ЕУ. Инаку, од Македонија заминувам со еден многу силен впечаток дека вие како мултиетничка и мултиконфесионална држава сте изградиле општество на висока толеранција и почитување на различностите. Мислам дека вашиот пример треба да го следат многу други држави како во регионот, така и пошироко“, истакна вицепремиерот и министер за надворешни работи на Израел, г. Авигдор Либерман.

Click