Собраниско раководство



Петок, 9 јули 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски со претседателот на Народното Собрание на Република Србија, г-ѓа Славица Ѓукиќ-Дејановиќ    

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски беше домаќин на својата колешка, претседателот на Народното Собрание на Република Србија, г-ѓа Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, при што оствари заедничка средба во рамките на нејзината официјална посета на Република Македонија.

На средбата, претседателот Вељаноски го нагласи своето задоволство од оваа посета на г-ѓа Дејановиќ со констатацијата дека односите меѓу Република Македонија и Република Србија се повторно на високо и пријателско ниво, како што всушност отсекогаш биле и нагласи дека во интерес и на двете држави е да продолжат да ја зајакнуваат и интензивираат својата соработка во сите области.

Претседателот Вељаноски посебен акцент стави на понатамошните приоритети во соработката на двете земји, посебно на планот на европските интегративни процеси и нагласи дека Република Македонија отворено ја поддржува Република Србија на патот на нејзините аспирации во ЕУ и Република Македонија е подготвена на овој план да ги сподели своите искуства со Република Србија и „подготвени сме сите отворени прашања што постојат меѓу двете страни да ги решаваме со отворен и пријателски дијалог“, нагласи претседателот Вељаноски.

„Политиката која ја води Република Македонија мора да биде во согласност и на иста линија со политиката на ЕУ и НАТО, затоа што тоа е наш национален интерес што го поддржуваат околу 90% од граѓаните на Република Македонија и оттука се надевам дека Република Србија ќе има разбирање за нашата политика и релации кои ги имаме во регионот“, потенцираше претседателот Вељаноски.

Претседателот на Народното собрание на Република Србија, г-ѓа Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, го изрази своето задоволство од оваа посета на Република Македонија, на земја која ја чувствува блиска и пријателска, и посебно нагласи дека во иднина и двете земји ќе имаат можност да решаваат повеќе добри и заеднички прашања што се од заемен европски интерес.

Претседателката Дејановиќ ја нагласи важноста од парламентарната соработка и изрази задоволство од зголемениот интензитет на комуникација на двата парламента на сите нивоа, и заедно со претседателот Вељаноски ја нагласија важноста од развојот на парламентарната дипломатија. На крајот и двајцата соговорници ја споделија важноста од заемно почитување и зајакнување на правата на националните малцинства кои живеат во двете држави.  

Click