Собраниско раководство



Среда, 28 јули 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со г. Илир Мета, заменик-претседател на владата и министер за надворешни работи на Република Албанија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Албанија, г. Илир Мета, во рамките на неговата официјална посета на Република Македонија.

На средбата, претседателот Вељаноски го изрази своето задоволство од досегашното високо ниво на билатерални односи и нагласи дека двете земји заеднички ги споделуваат темелните европски принципи на регионалната соработка и во иднина ќе продолжат да соработуваат во рамките на евроинтеграциските процеси. Претседателот Вељаноски посебно ја нагласи досегашната интензивна парламентарна соработка на сите нивоа, упати благодарност до Република Албанија за нејзината поддршка кон нашата интеграција во НАТО и изрази надеж дека во најскоро можно време ќе изнајдеме решение за нашиот спор со Република Грција кое ќе биде трајно и со коешто двете страни ќе бидат задоволни и како што нагласи претседателот Вељаноски „очекувам целиот регион заедно да биде дел од европското семејство“.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Албанија, г. Илир Мета, изрази благодарност за топлиот прием што го има во Република Македонија и го искажа своето задоволство од развојот на односите меѓу двете земји и нагласи дека очекува во иднина тие да се развиваат со несмален интензитет.

Министерот, г. Илир Мета, кажа дека Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО затоа што ги исполнува условите и изрази надеж дека тоа ќе се случи во најскоро време, посебно го потенцираше значењето на изградбата на Коридорот 8, како и прекуграничната соработка со отворањето на нови гранични премини, кои ќе имаат значајна улога во сузбивање на криминалот и нелегалната трговија, меѓусебната економска соработка и посебна благодарност упати до Република Македонија во врска со признавањето на Косово и демаркацијата на границата, и ја искажа подготвеноста на Република Албанија да ги развива во целост пријателските односи со земјите од регионот. 

Click