Собраниско раководство

Понеделник, 12 јули 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски се сретна со претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, во рамките на неговата прва официјална посета на Република Македонија. На средбата, претседателот Вељаноски го нагласи значењето на овој континуитет на средби на највисоко ниво меѓу двете страни како поттик и наша заедничка определба да ги зацврстуваме нашите билатерални пријателски односи и во иднина.

Претседателот Вељаноски посебно се задржа на нашата определба кон евроатлантските интеграции и ја истакна активноста на Собранието на Република Македонија кон реформите кои ги прави во поглед на агендата на  ЕУ, како и активната посветеност и напори кои ги вложуваме во изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот што го имаме со Република Грција, решение во кое нема да има ниту победници нити поразени и со кое ќе се затвори овој проблем и сите заедно ќе се свртиме кон нашите европски определби и вредности.

Претседателот Вељаноски особено го потенцираше своето задоволство од, како што кажа, позитивниот однос кон македонското национално малцинство кое живее во Хрватска и изрази надеж дека Спогодбата за заемна заштита на националните малцинства меѓу Република Македонија и Република Хрватска, која е ратификувана во двете држави, ќе почне да се имплементира со поголем интензитет.

Претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, го изрази своето задоволство од оваа посета, како што кажа, на пријателска Македонија, и го нагласи значењето на фактот што двете земји немаат отворени прашања и тоа претставува една добра основа за унапредување и зајакнување на меѓусебните односи.

Претседателот Јосиповиќ на средбата ја истакна определбата на Република Хрватска, а тоа е заеднички целиот регион да биде интегриран во ЕУ, и го изрази својот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за интеграција во меѓународните организации. 

Хрватскиот претседател во потполност се согласи со констатацијата на претседателот Вељаноски за добрите меѓунационални односи на двете држави и изрази надеж дека  овие односи ќе се унапредуваат и во иднина.

 
Click