Собраниско раководство

Среда, 14 јули 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со претседателот на Република Латвија, г. Валдис Затлерс

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со претседателот на Република Латвија, г. Валдис Затлерс, во рамките на неговата официјална посета на Република Македонија. На средбата, претседателот Вељаноски го изрази своето задоволство од оваа посета на претседателот на Латвија и изрази надеж дека ова ќе биде повод за интензивирање и зајакнување на меѓусебната соработка на сите нивоа и го потенцираше значењето на досегашната поддршка од Република Латвија кон нашите активности за интеграција во ЕУ и НАТО.

Претседателот Вељаноски посебно ја нагласи активноста на Собранието на Република Македонија во поглед на хармонизација на законодавството со ЕУ, го истакна значењето на парламентарната и регионална соработка и го искажа своето очекување дека Република Македонија за краток период ќе стане членка на НАТО и ќе ги започне преговорите со ЕУ и во таа насока го поздрави фактот што Република Латвија се залага билатералните спорови, како што е нашиот спор со Република Грција, да не биде директен услов за напредување во евроинтегративните процеси.

Претседателот на Република Латвија изрази задоволство и упати благодарност до претседателот Вељаноски за оваа негова прва посета на Македонскиот парламент и воопшто прва посета на Република Македонија и посебно ја потенцираше определбата на Латвија да ја поддржува во целост нашата евроатлантска интеграција. Претседателот Затлерс посебен акцент стави на придобивките за неговата земја од членството во ЕУ како и придобивките кои ќе ги имаат сите земји идни членки на ЕУ од заедничкиот европски пазар, и како што кажа „искрено посакувам Република Македонија да го постигне истиот успех што Република Латвија го имаше пред шест години со влезот во ЕУ и подготвени сме да го понудиме нашето искуство и помош на овој план“, нагласи латвискиот претседател.

Click