Собраниско раководство

Четврток, 27 мај 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со претседателот на Република Романија, г. Трајан Басеску      

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски. оствари средба со претседателот на Република Романија, г. Трајан Басеску, кој престојува во официјална посета на Република Македонија. 

На средбата, претседателот Вељаноски изрази благодарност за досегашната поддршка од Република Романија како наша пријателска земја кон нашите eвроатлантски интеграции, ја истакна нашата цврста определба за интеграција во НАТО преку продолжување на нашето активно учество во воените мировни мисии на НАТО и го искажа своето задоволство од досегашното ниво на парламентарна соработка меѓу двете држави

Претседателот Вељаноски нагласи дека интеграцијата во ЕУ на сите земји од регионот не е значајна само за самите нив, туку е, пред сè, значајна и за самата Европа, со што неминовно ќе се обезбеди стабилност и безбедност на регионот. 

Во врска со нашиот спор кој го имаме со Република Грција кој ги спречува нашите евроатлантски интеграции, претседателот Вељаноски посебно ја нагласи важноста од градење на меѓусебна доверба меѓу двете страни кога е во прашање позитивниот исход од преговорите кои ги водиме. 

Претседателот на Република Романија, г. Трајан Басеску, се заблагодари за приемот и средбата во Собранието на Република Македонија и ја нагласи зголемената важност и значење на парламентарната дипломатија, со што се согласија и двајцата соговорници, и ја искажа уште еднаш безусловната поддршка од страна на Република Романија за нашиот прием во НАТО и во ЕУ, со констатацијата дека очекува на наредниот Совет на ЕУ во јуни 2010 да добиеме датум за отпочнување на преговорите, како и на наредниот Самит на НАТО во ноември да станеме полноправна членка на НАТО и, како што истакна претседателот Басеску, „Република Македонија секогаш ќе има пријател во Република Романија“.  
Click