Собраниско раководство



Петок, 22 октомври 2010 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, го прими претседателот на Владата на Црна Гора, г. Мило Ѓукановиќ

На средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, потсетувајќи на традиционално пријателските односи меѓу двете држави, истакна дека Република Македонија и Република Црна Гора споделуваат заеднички вредности и цели, а тоа се евроатлантските интеграции. Ова не само што придонесува во натамошно продлабочување на билатералните односи, туку дава и голем придонес во стабилноста на регионот и неговата евроатлантска интеграција, истакна претседателот Вељановски.

Затоа, најискрено, на Црна Гора и на нејзините граѓани им посакувам процесите на интеграција, а особено интеграцијата во НАТО, да се одвиваат многу брзо и без апсурдните и наметнати проблеми кои го блокираа нашето членство во НАТО, иако ги исполнивме условите.

Во продолжение, претседателот Трајко Вељаноски се задржа на улогата на парламентите процеси на интеграција, затоа што во тие процеси, од една страна токму парламентите се најодговорни во донесувањето на законите и во процесите на хармонизацијата со европското право, а од друга страна тие ја извршуваат и контролната функција врз извршната власт. Како Собрание, ние сме подготвени нашите искуства во овие процеси да ги споделиме со парламентот на Црна Гора, истакна Вељаноски.

Претседателот на Владата на Црна Гора, г. Мило Ѓукановиќ, изразувајќи благодарност за средбата, исто така ги истакна високо развиените односи меѓу двете пријателски држави.

„Лично, и јас како премиер и владата на Црна Гора, при меѓународните средби, секогаш јасно изразуваме жалење за она што ѝ се случи на вашата држава. Република Македонија неоправдано денес не е членка на НАТО. Република Македонија, Црна Гора и сите држави во регионот цивилизациски ѝ припаѓаат на Европа. Затоа, иднината на Европската унија, нејзината стабилност, но и нејзината политичка и економска конкурентност на глобално ниво не може да биде ефикасна без целосна интеграција на нашиот регион“, истакна претседателот на Владата на Црна Гора, г. Мило Ѓукановиќ.

На средбата и двете страни истакнаа дека економската соработка е под нивото на политичките односи и дека е потребно нејзино интензивирање, за што постојат услови и интерес не само кај владите, туку и кај бизнис заедниците.

Click