Собраниско раководство



 Понеделник, 27 септември 2010 година, Истанбул

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски со Вселенскиот патријарх Вартоломеј и со претседателот на Република Турција, г. Абдулах Ѓул

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во рамките на дводневната официјална посета на Република Турција денеска, во Истанбул оствари средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј и со претседателот на Република Турција, г. Абдулах Ѓул.

На средбата во Цариградската патријаршија претседателот Вељаноски го изрази своето задоволство што токму денеска, на Крстовден се сретнува со патријархот Вартоломеј и изрази благодарност и почит кон пасторалниот и духовен придонес кој го дава во целата православна екумена, на која ѝ припаѓа и македонскиот народ и Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека за македонскиот народ, Христовото учење и православието се еден од столбовите на националниот, културниот и јазичниот идентитет. Вељаноски изрази убеденост дека само со дијалог, волја и почит кон другиот и различниот може да се надмине секој спор, да се најде решение за секое прашање.

Претседателот Вељаноски пренесе поздрав од поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан и упати покана за посета на Република Македонија, што пред сè, како што потенцираше претседателот би претставувало голема радост за македонските граѓани.

На средбата цариградскиот патријарх истакна дека ваквите средби за патријаршијата претставуваат радост и дека со задоволство, по средбите со претседателот Иванов и премиерот Груевски, се среќава и со претседателот и со делегацијата од Собранието.

Потсети на црковниот спор и изрази надеж дека истиот во блиска иднина ќе се реши, а воедно искажа искрени желби за што поскоро изнаоѓање на решение за спорот со името. Смета дека официјалната посета е знак на добриот однос кој Македонија го има со Република Турција и посочи дека се радува што слуша дека односите со јужниот сосед се во насока на подобрување.

Од името на Собранието на Република Македонија, претседателот Вељаноски на Вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари икона "Богородица Милостива", од македонски сликар, во византиски стил, од охридската школа - икони изработени во 13 век.

На средбата со претседателот на Република Турција, г. Абдулах Ѓул претседателот Вељаноски се заблагодари за принципиелниот став на Република Турција во однос на членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО и на поддршката која турскиот народ несебично му ја дава на македонскиот народ. Тој изрази убеденост дека по пример на добрите политички односи на сите нивоа во блиска иднина ќе биде продлабочена и економската соработка меѓу двете држави.

Претседателот на Република Турција, г. Ѓул потенцираше дека Турција ќе остане пријател на Република Македонија каков што и досега бил и дека Република Македонија независно на сè, треба да остане на патот кон остварување на реформите со што сите аргументи ќе бидат на страната на Република Македонија во настојувањето на зачленување во Еврпската унија и НАТО.

Click