Собраниско раководство



Четврток, 8 јули 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, донесе мерки во врска со настаните случени на 1 јули 2010 година

Врз основа на член 43 став (4) од Законот за Собранието на Република Македонија, остварената консултација со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, одржана на 6 и 8 јули 2010 година, увидот во видео-записите од мониторинг-системот пред и во зградата на Собранието на Република Македонија, извршен и врз основа на барање на група пратеници, како и врз основа на збирните информации добиени од Внатрешното обезбедување на Собранието, во врска со настаните случени на 1 јули 2010 година, одлучив да ги донесам следните мерки:

1. Во врска со настанот случен на 1 јули 2010 година, изрекувам мерка - јавно укажување до пратениците во Собранието на Република Македонија кои учествуваа во овој настан, како и до сите надворешни лица претставници на Министерството за внатрешни работи кои биле поврзани со настанот да го почитуваат достоинството и угледот на Собранието на Република Македонија.

2. Истовремено, недвосмислено барам и наложувам беспоговорно да се почитува интегритетот на пратениците, како личности и како претставници на граѓаните, но истовремено интегритетот и на сите други лица кои работат во Собранието или на надворешни лица кои имаат службени активности поврзани со работата на Собранието на Република Македонија.     

3. Да се допрецизира Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија и Упатството за спроведување на Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија особено за:

а) Постапката и писмените обрасци кои треба да се изготват за непречено и усогласено одржување на редот во зградата на Собранието кога пред Собранието се одвиваат протести;

б) Постапката и потребните писмени обрасци за примање странки од страна на координатори на пратенички групи и пратеници од редот на лицата кои протестираат и постапката за обезбедување на редот во зградата на Собранието за времетраењето на нивниот претстој во зградата на Собранието;

в) Постапката и соодветните писмени обрасци за давање одобрение од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија за пристап на овластени службени лица на органите на државната управа во зградата на Собранието за времетраење на протест пред Собранието и во другите случаи предвидени со членот 43 став (2) од Законот за Собранието на Република Македонија, а поврзано со претходното.

г) Постапка за информирање на Министерството за внатрешни работи на јавноста во врска со настани кои се случени во зградата на Собранието, во смисла на утврдување на постапка на претходно информирање на претседателот на Собранието;

д) Достава на посебна информација од страна на Министерството за внатрешни работи до претседателот на Собранието на Република Македонија за потребата од засилено обезбедување во зградата на Собранието на Република Македонија и скратена постапка за итни ситуации;  

ѓ) Предвидување на специјални обележја за припадниците на Министерството на внатрешни работи кои се повикани од страна на претседателот на Собранието за засилено одржување на редот во зградата на Собранието на Република Македонија, во смисла на оптимална видливост и потребна различност на обежјата од оние на Внатрешното обезбедување на Собранието;

е)  Востановување на процедура и метод на брза комуникација меѓу пратениците и претседателот на Собранието за укажување на појави на недоследности во почитувањето на утврдените правила во Правилникот и Упатството за негово спроведување; 

ж) Ја задолжувам Стручната служба на Собранието заедно со релевантните органи на државна управа да изготви физибилити студија за основање на Служба за внатрешно обезбедување на Собранието која ќе биде во рамките на Собранието на Република Македонија и под негова надлежност согласно моделите, практиките и искуствата во развиените демократски земји;

з) Ја задолжувам Стручната служба на Собранието да ми достави нацрт-текст, со компаративни искуства, за изготвување на Етички кодекс за пратениците во Собранието на Република Македонија;

ѕ) Доколку е потребно, имајќи ја предвид околноста дека се одвива процес на доградба и реконструкција на зградата на Собранието, да се дополнат процедурите и мерките поврзани со безбедноста на движење пред и во зградата на Собранието на Република Македонија.

4. Ги повикувам координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија да се обратат пред јавноста и да ги афирмираат вредностите на достоинство и интегритет на институцијата Собрание на Република  Македонија и со тоа уште еднаш да ги реафирмираат и заедничките евроатлански заложби.

5. Со цел да се утврдат сите околности поврзани со настаните од 1 јули 2010 година и да се овозможи сите пратенички групи и пратеници да го искажат своето мислење и оценка за настаните случени на 1 јули 2010 година, потребно е со консензус да се формира анкетна комисија по терк на веќе формирани анкетни комисии кои биле изгласани со консензус (како што е на пр. Анкетната комисија формирана во 2007 година ).

Click