Собраниско раководство



Вторник, 28 септември 2010 година

Делегација од Собранието на Република Македонија предводена од претседателот, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Големото народно собрание на Турција, г. Мехмет Али Шахин

 

 

 

 

 

 


Делегацијата од Собранието на Република Македонија предводена од претседателот, г. Трајко Вељаноски, во чиј состав се пратениците г. Кенан Хасипи, г. Цветко Грозданов, г. Назиф Буши и г. Андреј Жерновски, денеска оствари средба со претседателот на Големото народно собрание на Турција, г. Мехмет Али Шахин.

На средбата, која помина во пријателска атмосфера, претседателот Шахин со задоволство констатираше дека односите меѓу двете држави постојано се продлабочуваат и благодарение на вредностите кои се заеднички за двете држави, како демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, односот може да служи за пример.

Тој го истакна и задоволството што Република Турција е една од првите држави кои ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име и задоволство во однос на поддршката која Република Турција ѝ ја дава на Република Македонија на сите меѓународни нивоа. Смета дека евроатлантското вклучување на Република Македонија значи просперитет и стабилност на Балканот и воедно се надева дека единствената пречка на Република Македонија на патот кон Европската унија, спорот со името, наскоро ќе биде надминат и дека на тој пат Република Македонија може да смета на позитивен однос од Република Турција.

Претседателот Шахин се осврна и на интересот кој турскиот бизнис-сектор го пројавува за инвестирање во Република Македонија, како и на реконструирањето на османлиските објекти во Република Македонија, за кои смета дека се заедничко богатство.

Претседателот Вељаноски, искажувајќи благодарност за досега добиената поддршка од Република Турција, потенцираше дека односите меѓу двете држави се повеќе од пријателски и имаат значајна улога во целокупната стабилност во регионот и пошироко. Тој изрази убеденост дека без оглед на проблемите кои ја забавуваат интеграцијата, истите ќе се надминат и двете држави ќе станат дел од Европската унија.

Претседателот Вељаноски истакна дека значаен субјект во вкупните односи и своевиден мост меѓу двете држави се турската заедница во Република Македонија и македонските иселеници во Република Турција, притоа потенцирајќи ја лојалноста, активното присуство и севкупниот придонес кој токму оваа заедница го дава за економски, културен и демократски развој на Република Македонија.

Click