Собраниско раководство



Понеделник, 21 јуни 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во работна посета на Швајцарија

Парламентарна делегација, предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски, од денеска е во работна посета на Швајцарија, каде свечено ќе се одбележи почетокот на соработката со швајцарската страна по повод основањето на Парламентарниот институт на Собранието, за што неодамна во Скопје беше потпишан Меморандум за разбирање.
 
Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, за време на посетата на Швајцарија ќе оствари билатерална средба со швајцарскиот претседател на Советот на држави (Горниот дом на парламентот), г-ѓа Ерика Форстер-Ванини.

За време на посетата на Швајцарија, ќе биде организирана церемонијална размена на Меморандумот за разбирање меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и г. Хуберт Ајзел, директор на Одделот за соработка со Источна Европа, член на Директоратот на СДЦ.

Во текот на тридневната посета, пратениците од Македонија и од Швајцарија ќе имаат можност да разменат искуства околу функционирањето на парламентите, особено за прашањата за транспарентноста, отвореноста и повеќејазичноста, за што ќе се организираат состаноци и дискусии меѓу пратениците на различни нивоа и со експерти од државните служби и пошироко.

Делегацијата, предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски, е составена од г. Јани Макрадули, потпретседател на Собранието и претседател на Управувачкиот совет на Парламентарниот институт, г-ѓа Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г. Тахир Хани, координатор на пратеничката група на ДУИ, г-ѓа Цветанка Иванова, координатор на пратеничката група на СДСМ, г-ѓа Роза Топузова-Каревска, пратеник од ЛДП, г-ѓа Фљора Кадриу, пратеник од НД, г. Кенан Хасипи, пратеник од ДПТМ, г. Жарко Денковски, генерален секретар на Собранието и собраниски службеници.

Click