ЕУ вести

Понеделник, 12 април 2010 година

Ден на жалост во Европа

Европската унија го прогласи денешниот ден, 12 април, за Ден на жалост поради авионската несреќа во која загина полскиот претседател, г. Лех Качински, неговата сопруга, г-ѓа Марија Качински и уште 95 лица од висока државна делегација.

„Ова е една незамислива катастрофа за Европа. Европа се соочува со голема загуба. Полска живее низ една неопислива трагедија.  Со голема жалост ја примив поразувачката вест за смртта на мојот пријател и голем полски политичар - претседателот на Полска, Лех Качински“, изјави претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек.

Шпанија, како земја претседавач со Унијата, соопшти дека денеска знамињата ќе бидат спуштени на половина копје и сите состаноци ќе почнат со едноминутно молчење.

Во Полска продолжува седумдневна жалост поради несреќата која се случи во саботата наутро во близина на Смоленск во Западна Русија.

Рускиот претседател, г. Дмитриј Медведев, формираше специјална комисија за истрага на околностите околу авионската несреќа, која ќе ја предводи премиерот на Русија, г. Владимир Путин.

До вонредните претседателски избори Полска ќе ја води претседателот на Долниот дом на парламентот, г. Бронислав Коморовски.
Click