ЕУ вести



Вторник, 9 ноември 2010 година

Европската комисија ќе го презентира Извештајот за напредокот на Република Македонија во 2010 година

Европската комисија денеска во Брисел ќе го објави својот редовен годишен Извештај за напредокот на Република Македонија во 2010 година.

Извештајот, освен за Република Македонија, се однесува и на Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Србија, Турција и Хрватска, кои се дел од „пакетот за проширување“ на Европската комисија за 2010 година.

Во документот се очекува да биде укажано дека Македонија продолжува со исполнување на политичките критериуми, но треба да направи дополнителен прогрес во однос на дијалогот меѓу политичките актери, реформите на судството и јавната администрација, борбата против корупцијата, подобрувањето на бизнис опкружувањето и слободата на изразувањето.

Европската комисија останува на минатогодишната препорака за отворање на пристапните преговори со Македонија за членство во ЕУ.

Европската комисија  ќе повика билатералните прашања да бидат решавани од засегнатите страни во духот на добрососедство и да не бидат ставани на маса во процесот на пристапување на земјите во ЕУ, а како клучни елементи за стабилност на регионот и за прогрес кон полноправно членство во ЕУ се наведени помирувањето и регионалната соработка.

Конечната формалнa верзија на Извештајот, заедно со Стратегијата за проширување, Европската комисија треба да ги усвои денеска, по што еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе, ќе ги објави попладне на прес-конференција во Брисел.

Еврокомисијата, покрај Извештаите, ќе ја објави и Финансиската рамка за поддршка на кандидатите и потенцијалните кандидати за членство за периодот 2010-2011 година.

По објавувањето во Брисел, Извештајот утре ќе биде презентиран и во Скопје, од страна на евроамбасадорот г. Ерван Фуере, кој документот ќе им го достави до претседателот на Република Македонија г. Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски и претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски. Воедно, Извештајот утре ќе биде презентиран и на седница на Комисијата за европски прашања, со која ќе претседава  претседателот, г. Петар Поп-Арсов, а на која се поканети членовите на Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет и Националниот совет за евроинтеграции.

Click