ЕУ вести



Петок, 18 јуни 2010 година

ЕУ лидерите ја јакнат буџетската контрола

На вчерашниот самит во Брисел, лидерите на ЕУ постигнаа договор за зголемување на буџетската дисциплина и транспарентноста во работењето на банките за да ја одбранат зоната на еврото, пред сè поради кризата во Шпанија.

„Оваа одлука ќе обезбеди пофер дистрибуција на товарот, што се однесува до трошоците од финансиската криза. Дополнително, ќе го направи и финансискиот систем постабилен“, изјави претседателот на Унијата, г. Херман ван Ромпуј.

Предвидени се и санкции за оние земји кои ќе ги кршат правилата за буџетската дисциплина, но истовремено и награди за оние кои ќе ги почитуваат правилата.

Во институциите на ЕУ, од 2011 година ќе се разгледуваат и предлозите на националните буџети, но не беше прифатен германско-францускиот предлог, на земјите кои се однесуваат неодговорно, да им се укине правото на глас во европските институции.

Европските лидери ја усвоија и стратегија за постојан економски раст и отворање работни места „Европа 2020“, со која меѓу другото се предвидува и намалување на бројот на сиромашните за 20 милиони луѓе.

Лидерите на Унијата постигнаа согласност за дополнителни санкции против Иран поради нуклеарната програма, а Естонија од 1 јануари да стане 17-от член на еврозоната со воведување на еврото, додека за Исланд се очекува да стане полноправна членка на ЕУ до 2013 година.

Click