ЕУ вести

Среда, 28 јули 2010 година

ЕУ порача Македонија да продолжи со реформите

На вчерашниот Седми состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија во Брисел, беа разгледани клучните настани поврзани со исполнувањето на политичките критериуми. Од Република Македонија беше побарано да продолжи со реформите, во однос на подобрување на политичкиот дијалог, професионализација на јавната администрација, независност на судството, борба против корупцијата, подобрување во полето на човекови права и подобрување на бизнис средината.

Со состанокот претседаваше г. Стивен Ванакере, министер за надворешни работи на Белгија која претседава со ЕУ, а учество зеде и еврокомесарот г. Штефан Филе. Од македонска страна, копретседавач беше министерот за надворешни работи, г. Антонио Милошоски, а учествуваше и потпретседателот на македонската влада за европски прашања, г. Васко Наумовски, како и државниот секретар за спроведување на Рамковниот договор, г. Илхам Исмани. На состанокот учествуваше и специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, г. Ерван Фуере.

Советот за СА укажа дека најдобар начин за зајакнување на политичката клима е целосна имплементација на Законот за Собрание, преку усвојување на новиот Деловник за работа и продолжување на формалните координативни состаноци меѓу координаторите на пратеничките групи. Беше нагласена важноста да се обезбеди конструктивен дијалог меѓу политичките фактори заради одржливо спроведување на клучните реформи и на Охридскиот рамковен договор. Регионалната соработка и добрососедските односи беа посочени како суштински дел од процесот на напредување кон Унијата.

Македонската страна вети посветеност на Владата на натамошното ефикасно спроведување на реформите, со цел да се подигне нивото на примената на пристапните критериуми и стандарди на ЕУ во земјата.

Министерот за надворешни работи, г. Милошоски, изрази задоволство што  Белгија, како претседавач со ЕУ, ќе обрне внимание на македонскиот случај и ќе се потруди да го задржи на солидно ниво процесот на проширување на ЕУ.  

 

 

 

Click