ЕУ вести



Четврток, 3 јуни 2010 година

ЕУ со целосна поддршка за Западен Балкан

„Мислам дека денеска во Сараево е склучен нов договор меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Договор околу иднината, новите надежи, договор за мир и интеграција на што поголем број земји во ЕУ“ – истакна шпанскиот министер за надворешни работи, г. Мигуел Моратинос, на вчерашниот состанокот во Сараево, оценувајќи го како историски.

Потребно е поголемо ангажирање на земјите од регионот на патот кон помирувањето, како и одговорност на сите земји-учеснички за остварување на поставените цели. Освен тоа, земјите од Западен Балкан се обврзуваат да ги продолжат и интензивираат внатрешните реформи, неопходни за европската интеграција. 

Учесниците на Самитот во Сараево се согласија дека сакаат да постигнат напредок и резултати што ќе бидат видливи во секојдневниот живот на граѓаните, воедно ја поздравија неодамнешната одлука на Европската комисија, со која се препорачува укинување на визниот режим за граѓаните од БиХ и Албанија. 

ЕУ ја изрази својата целосна поддршка за земјите од Западен Балкан потенцирајќи дека тие и понатаму ќе останат во фокусот на ЕУ.

„Гледајќи го карактерот на денешната конференција и имајќи го предвид бројот на учесници, всушност гледаме во целосно учество на Западен Балкан во европските процеси“, истакна еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе. 

Еврокомесарот потенцираше дека нема основа да се зборува за уморување од проширувањето, како меѓу земјите-членки на ЕУ, така и меѓу земјите-кандидати.

Покрај претставници на земјите од Западен Балкан и ЕУ на Самитот во Сараево, учествуваа уште Турција, Русија и САД.

Click