ЕУ вести



Среда, 10 ноември 2010 година

Извештајот потврди дека Македонија е подготвена за пристапните преговори

„Овој извештај потврдува дека земјата е подготвена за отпочнување на пристапните преговори. Овие преговори ќе ѝ помогнат да се справи со низа важни предизвици, како што се владеење на правото и јавната администрација,  како и зголемување на конкурентноста и намалување на невработеноста. Се надевам дека прашањето за името може да биде решено и ќе можеме да го започнеме овој процес кој е од особено значење за иднината на државата” – соопшти еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе, на вчерашната прес-конференција во Брисел, објавувајќи го Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

Во однос на политичките критериуми, во Извештајот се вели дека Република Македонија продолжува со задоволително исполнување на политичките критериуми. Владината коалиција е стабилна и има соработка меѓу политичките сили што ја сочинуваат. Извесен прогрес е направен во поглед на реформите во Собранието, полицијата, судството, јавната администрација и културните права и правата на малцинството.

Неопходни се дополнителни напори во повеќе области поврзани со политичките критериуми, особено во однос на независноста на судството, реформите на јавната администрација, слободата на изразување во медиумите. Потребно е зајакнување и на политичкиот дијалог.

Спроведувањето на законодавството во пракса е од суштинско значење. Охридскиот договор останува клучен елемент за демократијата и владеењето на правото и демократијата, укажува Еврокомисијата.
„Земјата продолжи да ги исполнува обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и ЕК предложи влегување во втора фаза на процесот на асоцијација“, се наведува во Извештајот.

Во однос на економските критериуми, Република Македонија продолжува добро да напредува. Во некои области е направен натамошен прогрес кон создавање функционална пазарна економија, намалување на трговските бариери.

За да може на среден рок да се носи со конкуренцијата и пазарните притисоци во ЕУ, неопходни се натамошни реформи за зајакнување на правниот систем и намалување на регистрираните структурни слабости. Монетарната и фискалната политика се стабилни, балансираноста на надворешно трговската размена е подобрена и има благо зголемување на извозот, а намалување на увозот.

Проблем останува високата стапка на невработеност, особено меѓу младите и помалку образованите луѓе. Постигнат е напредок во однос на надминувањето на институционалните слабости и намалувањето на трговските бариери, но некои слабости во владеењето на правото и натаму имаат негативно влијание на бизнис-климата и странските директни инвестиции, се вели во Извештајот на ЕК. 

Во однос на ЕУ законодавството е забележан напредок во усогласувањето на законодавството, политиките и административниот капацитет со ЕУ, особено во однос на слободното движење на стоки, трговското право и финансиските услуги. Исто така, добар напредок е направен во усогласувањето со политиките на ЕУ во областа на правдата, слободата и сигурноста. Во тек е справувањето со новиот пораст на барањата за азил во земјите-членки на ЕУ.

Помал прогрес е постигнат во други области, како јавните набавки, информациското општество и медиумите, социјалната политика и вработувањето. Потребни се трајни напори за зајакнување на административниот капацитет за применување и исполнување на законодавството. 

Click