ЕУ вести

Четврток, 6 мај 2010 година

„Македонско претседателство 2010“ - официјално лого за претседавање со Комитетот на министрите на Советот на Европа

Стилизирано македонско знаме со логото на Советот на Европа, проследено со текстот на англиски јазик „Македонско претседателство 2010“, придружено од десната страна со официјалното лого на Комитетот на министри на Советот на Европа, е официјалното лого под кое Република Македонија ќе претседава со Комитетот на министрите на Советот на Европа.

Логото беше официјално промовирано вчера на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој заседаваше на амбасадорско ниво во Стразбур, во пресрет на 120. министерска сесија, која ќе се одржи на 11 мај 2010 година.

Документот дополнително носи и соодветна ознака својствена на сите службени документи на Комитетот на министрите - ЦМ/Инф (2010) 19.

Во согласност со востановенатa практика во меѓународните организации од членството на Република Македонија во ООН до денес, документот ќе биде дистрибуиран до останатите 46 земји-членки, со покривна страница на која се наоѓа референцата која се користи за привремено ословување на државата, во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност 817 од 1993, без никакви промени во содржината на документот, кој го содржи официјалното лого и именувањето на оваа функција во Советот на Европа како „Македонско претседателство 2010“.

Приоритетите на македонското претседавање со Комитетот на министрите официјално ќе бидат претставени од страна на министерот за надворешни работи, г. Антонио Милошоски, на министерската сесија.
Click