ЕУ вести

Среда, 10 февруари 2010 година, Стразбур

Одобрен новиот состав на Европската комисија

Пратениците во Европскиот парламент со 488 гласа „за“, 137 „против“ и 72 „воздржани“ вчера во Стразбург дадоа зелено светло за новата, 26-члена екипа на Европската комисија, на чело со претседателот, г. Жозе Мануел Баросо. Воедно, ова е втор мандат за г. Баросо на чело на Европската комисија.

„Екипата, која денес ја претставив пред вас, е подготвена да се соочи со предизвиците кои се најавуваат. Таа е збир на искуство и нови идеи, и широко  ја одразува чувствителноста на Европа“, изјави г. Баросо пред европратениците.

Реизборот на г. Баросо му го честита и претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, кој воедно истакна: „Сакам да ѝ честитам на новоизбраната Комисија и на нејзиниот претседател Баросо. Сега треба да одговорат на очекувањата на граѓаните, сега треба да се делува“.

Европскиот парламент денеска ќе расправа и за Извештајот на словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер, за постигнатиот напредок на Република Македонија на патот кон ЕУ.

Во Извештајот за Република Македонија се препорачува почеток на преговори без понатамошно одолговлекување, а воедно се повикува земјата да продолжи и понатаму со реформите во јавната администрација, борбата против корупцијата и одржувањето на меѓуетничките односи.

Резолуцијата, која треба да биде усвоена по денешната расправа, е позитивен сигнал за земјата, па затоа се повикува Советот, на самитот предвиден за март, да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на преговори без понатамошно одолговлекување, и се очекува преговорите да започнат во блиска иднина.








Click