ЕУ вести

Понеделник, 8 февруари 2010 година

Пленарна седница на Европарламентот

Европскиот парламент оваа седмица ќе одржи пленарна седница во Стразбур, на која, меѓу другото, ќе стане збор и за проширувањето на Европската унија. В среда европратениците со Комисијата и Советот ќе расправаат за напредокот кој го постигнаа Македонија, Хрватска и Турција на патот кон членство во Унијата. Неопходно е одобрение од Парламентот за присоединување на било која нова земја кон ЕУ.

Утре, претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, официјално ќе го претстави својот нов тим на комесари и ќе се расправа за нивните политички приоритети, за односите со Парламентот и неговите  членови. Европарламентот со гласање ќе одлучи дали ќе го прифати новиот состав на Комисијата.

Во ситуација кога земјите-членки веќе имаат дадено ветувања за намалување на емисиите, европратениците ќе гласаат за резолуцијата за исходот од Самитот за климата, кој се одржа во декември во Копенхаген.

Покрај тоа, членовите на Парламентот ќе гласаат и за меѓународниот договор меѓу ЕУ и САД за пренос на банкарски податоци на американските власти од СВИФТ- системот, во интерес на борбата против меѓународниот тероризам, потоа за проект на закон за давање на средства од ЕУ за обновување и прошируване на социјалниот станбен фонд на земјите-членки, како и за резолуциите за Хаити, Иран и Јемен. 
Click