ЕУ вести

Среда, 5 мај 2010 година

Пленарна сесија на Европарламентот

Денеска и утре во Брисел, Европскиот парламент ќе одржи пленарна сесија, на која ќе се гласа и расправа по некои прашања кои не можеа да се заокружат на претходната сесија во Стразбур затоа што поголемиот дел од европратениците не присуствуваа поради хаосот кој настана во воздушниот сообраќај како резултат на активирањето на вулканот во Исланд.

Европратениците ќе гласаат за две резолуции, едната за техничките услови за одобрување на банкарскиот трансфер на податоци во САД за борба против тероризмот по пат на мрежата СВИФТ и втората за утврдување на план за стандарден модел за запис на имињата на патниците.

Комисијата за транспорт ќе предложи амандман за промена на нацрт-закон, со кој земјите-членки на ЕУ, а не патниците, треба да ги сносат дополнителните сигурносни трошоци во воздухопловството.

Членовите ќе гласаат и за тоа дали да се одобри финансиско управување на секоја институција и агенција на ЕУ во 2008 година, соодветно на процедурата позната како „ослободување од одговорност“.

Денеска ќе се гласа и по нацрт-резолуцијата за подобрување на сегашниот Акционен план за хуманиот однос кон животните, со цел да има почести инспекции и построги санкции.

Исто така, на дводневната сесија ќе стане збор и за зголемување на напорите во борбата со ракот, за промовирање на здравиот начин на живеење и намалување на ризиците во работењето, како и за поголеми вложувања во информативните кампањи.

Утре во Европскиот парламент ќе се обрати американскиот потпретседател, г. Џо Биден, како дел од неговата посета на Европа. Воедно, ова е прво обраќање пред европратениците после цели 25 години од говорот на тогашниот претседател на САД, г. Роналд Реган, со цел подобрување на односите меѓу ЕУ и САД.
Click