ЕУ вести



Вторник, 11 мај 2010 година

Стартуваше Македонското претседателство 2010

Под логото „Македонско претседателство 2010“, на 120. Министерска сесија во Стразбур, Република Македонија денеска официјално го презеде претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа.

Откако министерот за надворешни работи на Швајцарија, г-ѓа Мишелин Калми-Реј, поднесе извештај за она што го сработила нејзината држава во текот на претседавањето во последните шест месеци, шефот на македонската дипломатија, г. Антонио Милошоски, го презеде претседателството и ги претстави приоритетите на програмата на Република Македонија.

„Ова е историски ден за нашата држава. Република Македонија пред 15 години стана членка на Советот на Европа, а денеска ја има можноста да претседава. Тоа е голема чест, но и обврска. Задоволни сме од начинот на кој беше сослушана и поддржана нашата презентација, посебно во делот на приоритетите на нашето претседателство“, изјави г. Милошоски.

Македонското претседателство, меѓу другото, акцент ќе стави на: заштитата на човековите права, меѓукултурниот дијалог и вклучување на младите во општествениот живот.

За време на претседавањето, Република Македонија ќе организира повеќе настани, а првиот од нив е состанокот на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа на 20 и 21 мај во Скопје.

Советот на Европа од македонското претседателство очекува да биде активно, ефикасно и да биде составен дел од приоритетите на Европскиот совет.

Ротационото претседателство нашата држава го презеде од Швајцарија, а во ноември ќе ѝ го предаде на Турција.

Освен преземањето на претседателството од страна на нашата држава, на седницата беа разгледани и следните точки: проследување на конференцијата на високо ниво за иднината на Европскиот суд за човекови права, мерките преземени од страна на Советот на Европа по конфликтот во Грузија, односите меѓу Советот на Европа и Европската унија и процесот на реформите на Советот на Европа и неговата стратешката улога и одговорност во однос на Босна и Херцеговина.

Click