Собраниско раководство



Вторник, 19 октомври 2010 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА 75. РОС-РОТ СЕМИНАР

Почитувани министри,
Почитувани колеги,
Екселенции,
Дами и господа,  

Ми причинува големо задоволство во името на Собранието на Република Македонија и во мое лично име да Ве поздравам и да Ви посакам успешна работа на Седумдесет и петтиот Рос-Рот семинар.

Иако кога ќе се спомене НАТО-алијансата, секогаш прва мисла е воена оранизација, односно воена сила и моќ, сепак сите знаеме дека НАТО има и многу значајна цивилна димензија преку која се обезбедуваат темелни принципи и стандарди на парламентарната демократија, почитување на човековите права и слободи, владеењето на правото, правната држава ... Секако, таа димензија се манифестира преку Парламентарното собрание на НАТО, во чии рамки е и Рос-Рот семинарот, кој по шестипат се одржува кај нас.

Токму оваа димензија на НАТО, имаше многу значајна улога во процесите на транзиција во државите од Југоисточна Европа, меѓу кои и во Република Македонија, по големите промени случени со паѓањето на Берлинскиот ѕид. 

Почитувани,
Република Македонија од своето осамостојување, како државен приоритет го определува членството во НАТО и Европската унија. Нашиот пат кон НАТО формално започнува во декември 1993 година, кога токму во Собранието е донесена Резолуција за пристапување во НАТО-алијансата. Во декември 1995 година, Република Македонија влегува во програмата „Партнерство за мир" со што започнуваат многу интензивни реформи, како на полето на одбраната и одбранбените структури, пред сè на Армијата, така и во другите области.  

Не треба да потсетувам какви во тоа време беа севкупните политички и безбедносни состојби во целиот регион. На тој свој пат, Република Македонија од држава на безбедносен консумент се трансформира во држава контрибутор на безбедноста, како во регионот, така и пошироко. Во таа насока, сакам да го споменам учеството на нашите војници во мировната мисија во Авганистан, пред тоа во Ирак, во Босна и Херцеговина и така натаму. Верувам дека сите ќе се сложите дека Република Македонија имаше многу значајна улога во воспоставувањето на стабилноста и безбедноста на Косово, а и денес има клучна улога во логистичката поддршка на КФОР во Косово.

Со формирањето на таканаречената Јадранска тројка, Македонија, Албанија и Хрватска, реформите добиваат една нова и поквалитетна димензија со единствена цел да се исполнат сите услови и критериуми за полноправно членство во НАТО-алијансата. За жал, на Самитот во Букурешт, Република Македонија не доби покана за членство. Причините за ова сите добро ги знаете, апсурдниот и наметнат спор од страна на Република Грција во однос на нашето уставно име. Во Букурешт, другите две држави-членки на Јадранската група, Албанија и Хрватска, беа примени, со што е направен значаен чекор напред кон стабилноста на целиот регион. 

Дами и господа,
За спорот со Грција, нема да зборувам, бидејќи на сите добро ни е познат. Тоа што сакам да го истакнам е дека и по Букурешт, Република Македонија од многу интензивно, преку, би рекол, прагматични форми, ја развива соработката со НАТО. Исто така, Република Македонија останува во процесот на преговорите кои се водат под покровителство на Обединетите нации за изнаоѓање на компромисно решение за наметнатиот спор. Сакам да потсетам дека токму Собранието на Република Македонија има донесено неколку документи кои ја обврзуваат Владата да ги продолжи преговорите, но во исто време јасно е дефинирано дека компромисното решение не може да задира во националниот, јазичниот и културниот идентитет на македонскиот народ, за што постои целосен политички консензус меѓу парламентарните партии, без разлика дали станува збор за владејачкото мнозинство или опозицијата и без оглед на етничката припадност. Во исто време, според последните истражувања на јавното мислење, над 82 проценти од граѓаните го поддржуваат членството на Република Македонија во НАТО. Сето ова јасно покажува дека во Република Македонија сите политички субјекти, како и цивилното општество, иднината на државата, како и на целиот регион ја гледаат во евроатлантските интеграции. 

Почитувани колеги,
Дами и господа, 
Знаеме дека клучна улога во евроатлантските интеграции имаат парламентите, особено кога станува збор за хармонизација со европското законодавство. Само да потсетам дека во минатогодишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, позитивно беше оценета работата на Собранието, а уверен сум дека и оваа година оценката ќе биде позитивна. Ова го велам од причина што последнава година, како парламент особено внимание посветуваме на прашањето за имплементација на законите, односно на контролната функција која како законодавен дом ја имаме врз извршната власт. Ова го правиме преку надзорните расправи, кои досега беа одржани на неколку различни теми. Како новина која оди во правец на јакнењето на парламентарната демократија кај нас, се измените на Деловникот на Собранието, усвоени неодамна, според кои опозицијата може на секоја втора редовна пленарна седница да постави точка на дневен ред за кое било прашање во врска со работата на Владата или некоја друга проблематика за која смета дека е актуелна и е потребна парламентарна расправа. На овој начин, од една страна зајакнува положбата на опозицијата, а во исто време и нејзината одговорност. 

Другата димензија која сакам да ја истакнам е меѓународната активност на Собранието, односно парламентарната дипломатија. На билатерален план имаме високоразвиени односи со сите држави во регионот, освен со нашиот јужен сосед, но се надевам и тоа ќе се надмине. Овие билатерални односи имаат две основни цели: првата е натамошно продлабочување на вкупните билатерални односи, а втората цел е заедничката евроатлантска определба и иднина. Во тие рамки, сакам да изразам задоволство што во таканаречената Јадранска група сега се вклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора,  што е значаен чекор, како за двете држави, така и за заокружување на евроатлантската интеграција на целиот регион.

На мултилатерално поле, како парламент, исто така, активно сме присутни исполнувајќи ги сите предвидени обврски. Во Советот на Европа, како што знаете, до крајот на октомври годинава, Република Македонија претседава со Комитетот на министри. Во текот на нашето претседавање, токму ние, како парламент, бевме носители на неколку многу значајни  конференции и средби. Исто така, активно учествуваме во парламентарната соработка на државите во Југоисточна Европа, а тука е и соработката со Парламентарното собрание на НАТО. Уверен сум дека за ова повеќе ќе зборува колегата Талат Џафери, кој е шеф на Делегација на Парламентарното собрание на НАТО.  

Дами и господа,
Почитувани колеги,
Предизвиците со кои се соочува светот: меѓународниот тероризам, организираниот криминал, шверцот со луѓе, со дрога и така натаму, се предизвици кои нè засегаат сите, мали и големи, богати и помалку богати. Затоа, секоја држава и одговорна влада, мора да го даде својот максимум за надминување на овие глобални негативни појави. Токму затоа, евроатлантските интеграции се битни за секоја држава, но и за НАТО, Европската унија и за стабилноста воопшто.  

Верувам, дека овој семинар со работен наслов „Создавање на нов моментум“ ќе даде одговори или насоки токму во овој правец, притоа имајќи ги предвид и оние отворени прашања кои веќе одамна ја имаат надминато билатералната димензија.  

Почитувани,
Ви посакувам успешна работа, а на сите гости пријатен престој во Република Македонија. 

Благодарам.

Click