2011



Четврток, 15 септември, 2011 година

НАУЧНИ ИСТРАЖУВАЊА ЗА БЕЗБЕДНА ХРАНА ВО ЕВРОПА

Во рамките на Полското претседателство со Советот на Европската унија, на 8 и 9 септември годинава во Варшава се одржа конференција посветена на  "Храната во 21-от век". Конференцијата беше организирана од Полското Министерство за наука и високо образование, Институтот за истражување и хортикултура, во соработка со Министерството за земјоделство и рурален развој, Техничкиот универзитет и Националната контакт точка за истражување на европски програми.

Целта на Конференцијата на која присуствуваа повеќе од 450 учесници од Европа, претставници од научни заедници, национални и европски политички тела, индустријата и граѓанскиот сектор, беше да се обезбеди широка дебата за главните предизвици на безбедноста на храната, исхраната и благосостојбата на граѓаните во Европа, како и за заканите врз европската био-економија, особено во однос на земјоделството и потрошувачката индустрија.

На конференцијата, три панел сесии беа посветени на балансираното производство на храна, квалитетот и безбедноста на храната, како и ефектот на исхраната врз здравјето и благосостојбата на потрошувачите. Беа идентификувани мерки кои ќе се преземаат за намалување на последиците од небезбедна храна. Извештајот се подготвува од Програмскиот комитет и се очекува да биде објавен за два месеци.

Прехрамбената индустрија е еден од најважните сектори од економијата на ЕУ. Одговорот на предизвиците од климатските промени, конкурентноста, откривање на нови врсти на растенија и болести кај животните, може да се најдат единствено во научните лаборатории. Без научните истражувања Европа немаше да се справи со неодамнешните случаи на зараза од бактеријата ешерихија коли, болеста кравјо лудило и контаминација со диоксин. Важноста на науката и истражувањата за здрава и безбедна храна се очекува во иднина значително да се зголеми.

Повеќе информации на следната веб-страница:
www.foodconference2011.inhort.pl.

Click