2011



Четврток, 14 јули 2011

НОВА МОДЕРНИЗИРАНА ПОЛИТИКА ЗА РИБАРСТВО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската комисија на 13 јули презентираше предлози за нов поедноставен систем за управување со рибарството на ниво на Европската унија со цел да се обезбеди обновување и здраво ниво на рибните залихи, а на граѓаните на Унијата да им се овозможи стабилно и безбедно снабдување со храна на подолг период. Со новите мерки во секторот за рибарство ќе се создадат можности за раст и отворање на нови работни места во крајбрежните области.

Потребата од реформа на политиката за рибарство произлегува од поголемите количини на уловени риби во однос на природната репродукција што предизвикува уништување на одредени видови на риби и претставува закана за севкупниот морски екосистем. Во 2002 година направена е последната реформа на политиката за рибарство, а во 2009 година Комисијата започна широка јавна дебата со владини претставници, организации и граѓани за начинот на управување со рибарството во ЕУ.

Со предложените мерки се предвидува: воведување на систем за долгорочно управување, намалување на бројот на капацитетите за риболов преку воведување на пазарни мерки, забрана за отфрлање на непотребниот улов, децентрализирано донесување на одлуки, развивање на одржлива аквакултура, подобрување на научните сознанија за состојбата со рибните залихи и промовирање на одржливо управување и одржување на рибните ресурси на меѓународно ниво.

Новиот пакет на мерки е поднесен за усвојување до Европскиот парламент и Советот, во законодавна постапка на коодлучување. Целта на Комисијата е новата законска рамка да биде усвоена и да влезе во сила до јануари 2013 година.

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/fisheries/reform/index_en.htm

Click