2011



Среда, 29 јуни 2011 година

НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ИЗМАМИ

Европската комисија на 24 јуни годинава усвои нова Стратегија за борба против измами која има за цел да ги ажурира и модернизира начините за спречување на измами на буџетот на Европската унија како и да обезбеди дека истиот се управува во согласност со принципите за стабилно финансиско управување.

Во 2000 година Комисијата ја усвои Стратегијата за борба против измами, чија цел беше да обезбеди дека парите на даночните обврзаници се трошат правилно. Во изминатиот период е покажано дека особено организираниот криминал брзо се адаптира на новите околности, а правилата се заобиколуваат. Дополнително, реформата на институциите на ЕУ, проширувањето и новиот пристап во финансиското управување, налагаат одредени промени. Од овие причини, Комисијата оценува дека е време да се одговори на новите предизвици преку нова обновена стратегија за борба против измами.

Комисијата и земјите членки директно се одговорни за правилна имплементација на буџетот на ЕУ. Земјите членки ги администрираат скоро сите буџетски приходи, а исто така го споделуваат управувањето со буџетските трошоци од околу 80%, заедно со Комисијата. Останатите 20% од трошоците директно се управувани преку службите на Комисијата и еден дел со администрации на вон-европски држави и меѓународни организации.

Стратегијата претставува еден сеопфатен пристап за справување со измами и корупција, дополнета со иницијативите на ЕК од март оваа година за реформа на Европската канцеларија за спречување на измами, комуникацијата за заштита на финансиските интереси на ЕУ преку кривичниот закон и административни истраги и со комуникацијата за борба против корупцијата во ЕУ. Паралелно, стратегијата ќе промовира акционен план за борба против недозволена трговија со цигари и алкохол на источната граница на ЕУ.

Неколку европски институции претходно повикаа на слично дејствување. Европскиот парламент ја повика Комисијата да се подобри ефикасноста на наплатите системи и да се обезбедат консолидирани податоци за наплатите и финансиските корекции. Во 2010 година, Европскиот суд на ревизори препорача за потребата за поедноставување на европските правила, подобрување на транспарентноста и контролата на фондовите на ЕУ. Исто така, во минатата година Советот усвои повеќегодишна Стокхолмска програма со која се повикува ЕУ и земјите членки да ги интензивираат напорите во борбата против корупција и други форми на финансиски криминал.

Имплементацијата на Стратегијата треба да заврши до 2014 година. Одредени мерки, како ревизија на директивите за јавните набавки веќе се спроведуват. Стратегијата ќе се достави до Европскиот парламент, Советот, Европскиот суд на ревизори, Европскиот економско-социјален комитет, кои може да усвојат резолуции, заклучоци и мислења кои ќе бидат земени во предвид од Комисијата во периодот на имплементацијата.

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/anti_fraud/index_en.html

Click