2011



Вторник, 22 ноември 2011

ОБНОВЕН ГЛОБАЛНИОТ ПРИСТАП КОН МИГРАЦИЈАТА И МОБИЛНОСТА

Европската комисија на 18 ноември оваа година ја претстави новата комуникација за идниот развој на прашањата за миграциите од трети земји особено јужните и источните соседи на Европската унија, афричките земји и други партнери на ЕУ, со цел преминување кон нова фаза од "Глобалниот пристап кон миграциите и мобилноста“. Со обновениот пристап ќе се овозможи ЕУ поефикасно да се справи со зголемената миграција и променливите миграциски трендови.

Европската унија ќе продолжи да ги зајакнува односите со земјите кои не се членки на Унијата со цел на подобар начин да се искористат заедничките бенефиции од миграцијата. Арапската пролет и настаните во Јужниот Медитеран ја истакнуваат потребата за кохерентна ЕУ политика за миграција, и од оваа причина Европската комисија предложи зајакнување на дијалогот и оперативната соработка во областа на миграцијата и мобилноста со земјите кои не се членки на ЕУ.

Основната рамка за Глобален пристап кон миграциите и мобилноста е усвоена во 2005 година и истата е дизајнирана како политичка рамка за дијалог со земјите кои не се членки на ЕУ, за сите релевантни прашања што произлегуваат од миграцијата како и за практична соработка со партнерските земји на ЕУ, во различни политички области: социјалните прашања и вработеноста, надворешните врски и внатрешните работи.

Новиот обновен Глобален пристап кон миграцијата:

  • ќе биде поинтегриран со надворешната политика на ЕУ, развојот и соработката, а заеднички ќе се имплементира преку Европската комисија, Европската служба за надворешно дејствување,  делегациите на ЕУ и земјите-членки,
  • подобро ќе се усогласи со целите на внатрешната политика на ЕУ, особено со Стратегијата 2020,
  • ќе воспостави поголема фокусираност кон мобилноста и визната политика,
  • ќе ги дополни трите столба од Глобалниот пристап (легална и нелегална миграција и развојот) со нов четврт столб за меѓународна заштита и надворешна димензија на политиката за азил,
  • ќе продолжи да дава приоритет на ЕУ соседството, партнерството ЕУ-Африка и земјите од Исток.

Од страна на Европската комисија од 2005 година па наваму, беа финансирани околу 300 проекти од областа на миграцијата за земји кои не се членки на ЕУ.  Од 2013 година, на секои две години ќе се изготвува извештај од Глобалниот пристап кон миграцијата, со цел да се следи имплементацијата и да се обезбеди напредок.

Повеќе информации на новиот промовиран ЕУ портал за имиграција:
http://ec.europa.eu/immigration/

Click