2011



Петок, 26 август 2011 година

ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА ХУМАНИТАРНОСТА

Европската комисија на 19 август годинава, Светскиот ден на хуманитарноста, го посвети на хуманитарните работници кои својот живот го посветиле на заштита и подобрување на животите на другите луѓе. Европската унија е најголем донатор на помош во светот - од почетокот на оваа година досега, ЕУ има дадено над 37% помош од вкупните средства на глобално ниво.

Во Генералниот директорат за хуманитарна помош и цивилна заштита работат над 400 луѓе во 47 канцеларии низ целиот свет, каде што е потребна хуманитарна помош.

Светскиот ден на хуманитарноста по четврти пат се одбележува во чест на хуманитарните работници кои ги загубиле нивните животи и ја подигнале свеста за хуманитарната помош ширум светот. За овогодишната кампања ООН го одбра мотото „Луѓе кои им помагаат на луѓето“.

Во 2008 година Генералното собрание на ООН го прогласи 19 август за Светски ден на хуманитарноста во чест и сеќавање на 22 хуманитарни работници на ООН кои беа убиени во експлозија на бомба во канцеларијата на ООН во Багдад на 19 август 2003.

Според податоците на ООН, последните десетина години се мошне ризични за хуманитарните работници, а нападите врз нив се тројно зголемени, што резултира со стотици жртви во годината. Во 2010 година, 69 хуманитарни работници биле убиени, 86 повредени, а 87 киднапирани.

Европската унија веќе 40 години активно е вклучена на хуманитарното поле, а земјите-членки сe повеќе ја зголемуваат нивната хуманитарна помош. Канцеларијата за хуманитарна помош на Европската заедница (ECHO) е формирана во 1992 година со цел да обезбедува поефикасна помош, а во февруари 2010 е унапредена во Генерален директорат за хуманитарна помош и цивилна заштита.

Досега, најголеми корисници на хуманитарните фондови на ЕУ се Хрватска и Босна и Херцеговина (за време на распаѓањето на Југославија), Судан, Демократска Република Конго, Авганистан, окупираната палестинска територија, Пакистан, Русија и Бурунди.

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/echo/index_en.htm

Click