2011



Петок, 1 јули 2011 година

ПОЛСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Во текот на втората половина од 2011 година, од 1 јули до 31 декември, Полска го превзема претседателство со Советот на Европската унија. Главната задача на Полското претседателство е да ја води ЕУ на патот кон побрз економски раст и подобра политичка заедница. За да се постигнат овие цели Полското претседателство ќе се концентрира на три основни приоритети: "Европската интеграција како извор на раст", "Безбедна Европа" и "Придобивките за Европа од нејзината отвореност".

Полското претседателство со Советот на ЕУ ќе работи посветено на зајакнување на економскиот раст преку натамошен развој на Внатрешниот пазар и користење на буџетот на ЕУ за градење на конкурентна Европа. Посебен акцент ќе биде ставен на развојот на електронските услуги, преку превземање на акции за отстранување на бариерите кои ги попречуваат прекуграничните on-line трансакции како и продолжување со работата за намалување на трошоците за роаминг. Во однос на реформите на Внатрешниот пазар, Претседателство ќе работи на подобрување на условите за малите и средни претпријатија, со посебен фокус на нивниот пристап до капиталот.

Подобрувањето на економското управување во ЕУ ќе биде примарна задача на Полското претседателство во областа на економијата и финансите. Претседателството ќе ги поддржува акциите и предлозите кои се во насока на подобрување на законската регулатива и супервизија на финансиските пазари.

Чекор напред кон зголемување на безбедноста на Европа е создавање на основа за надворешна енергетска политика на ЕУ, реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, поефикасно користење на европските фондови како и зајакнување на граничната безбедност. Важен елемент на Претседателството ќе биде зајакнување на воените и цивилните способности на ЕУ.

Во однос на проширувањето, Полска има намера да постигне чекор напред. Важна цел на Полското претседателство ќе биде финализирање на пристапните преговори со Хрватска и потпишување на договор за пристапување во ЕУ. Исто така, ќе се искористат сите околности за поддршка за продолжување на преговорите со Турција, да се обезбеди значителен напредок во пристапните преговори со Исланд како и поддршка на европските аспирации на земјите од Западен Балкан.

Главните задачи на Претседателството ќе бидат фокусирани на три прашања од клучно значење:

  • управување со работата на Советот на ЕУ и неговите помошни тела (работни групи и комисии), како и на Европскиот совет
  • претставување на Советот на ЕУ и неговата соработка со другите институции на ЕУ и
  • претставување на ЕУ во меѓународните односи, со трети земји и меѓународни организации.

Министерството за животна средина и Министерството за надворешни работи на Полска започнаа проект познат како "Зелено претседателство". Проектот промовира зачувување на природните ресурси и прифаќање на стандардите за заштита на животната средина при организирањето на настани и средби во рамките на Претседателството. Целта на овој проект е да нагласи дека Полска е еколошки свесна земја и дека Претседателството и неговите подготовки може да влијаат врз животната средина. Министерството за животна средина на Полска има издадено бројни публикации со практични упатства за организирање на "зелени" состаноци (двострано принтање на конференциски материјали на еколошка хартија, обезбедување на енергетско-ефикасна аудио и видео опрема, користење на пластични садови, намалување на осветлувањето, греење и климатизација). На крајот од Претседателството ќе биде објавен каталог за добри практики за организирање на ваков вид на состаноци.

За повеќе информации на веб-страницата на Полското претседателство со Советот на ЕУ:
http://pl2011.eu/en

Click