2011



Вторник, 26 јули 2011 година

РЕВИЗИЈА НА ДИРЕКТИВИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ТРАНСЕВРОПСКИТЕ ТРАНСПОРТНИ МРЕЖИ

Во рамките на Полското претседателство со Советот на Европската унија, во организација на Европскиот економско-социјален комитет, во соработка со Министерството за инфраструктура, на 20 јули оваа година, во Варшава беше одржана конференција посветена на „Обновување на трансевропските транспортни мрежи - остварување на рамномерна транспортна политика на ЕУ". На Конференцијата беа дебатирани прашања за новите инструменти за финансирање на инфраструктурните инвестиции, целите на транспортната политика на ЕУ како и улогата на новите технологии во транспортните системи.

Постигнување на значаен напредок во процесот на ревизија на трансевропските транспортни мрежи е еден од приоритетите во областа на транспортот на Полското претседателство со ЕУ.

На конференцијата беа претставени мислењата од Европскиот економско-социјален комитет во поглед на одржливиот развој на транспортната политика и трансевропските транспортни мрежи, а се однесуваат на мобилизација на приватните финансии, користење на јавно-приватните партнерства и фондовите на ЕУ, покриеност преку структурните и кохезионите фондови, како и активно финансирање преку Европската инвестициона банка.

Целта на новите законски предлози на Европската комисија, кои се очекува да бидат објавени во септември годинава, е да се создаде кохезивен транспортен систем на Унијата, обезбедување на рамномерен развој на инфраструктурата на трансевропските транспортни мрежи и зајакнување на најважните комуникациски правци на ЕУ со трети земји.

Директивите на Заедницата во поглед на развојот на трансевропските транспортни мрежи се ревидираат на пет години, а последната ревизија е извршена во 2004-2005 година. Актуелната ревизија на директивата е во интерес на преглед на приоритетните завршени проекти на земјите-членки во трансевропските транспортни мрежи како и редефинирање на начелата за функционирање и методологијата. Процесот е започнат уште во 2009 година со објавување на „Зелена книга“ за идната ЕУ политика за трансевропските транспортни мрежи.

Click