2011



Вторник, 13 декември 2011 година

УСВОЕНИ БУЏЕТСКИТЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА НАДВОРЕШНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПЕРИОДОТ 2014-2020

Европската комисија на 07 декември годинава го усвои предлогот на буџетот за девет инструменти во областа на надворешното дејствување како дел од повеќегодишната финансиска рамка за периодот од 2014 до 2020 година.

Овие инструменти ќе овозможат зајакнување на улогата и одговорностите на Унијата на глобалната сцена: во борбата против сиромаштијата и промовирање на демократија, мир, стабилност и просперитет. Пакетот на буџетските предлози ги одразува приоритетите од Агендата за промени на развојната политика од 13 октомври 2011 и обновената Европска соседска политика. Усвоениот пакет ќе се достави до Европскиот парламент и до Советот, а се очекува да се донесе во 2012 година.

Преку инструментите за надворешно дејствување ќе се обезбедува поддршка на земјите во развој, земјите од Европското соседство како и земјите кои се подготвуваат за пристапување во ЕУ.

Според новиот пристап на "диференцијација", Унијата ќе издвои поголем износ на средства таму каде помошта може да оствари најголемо влијание, за земјите и регионите кои имаат најголема потреба. Земјите кои ќе остваруваат доволно ресурси за да обезбедат сопствен развој повеќе нема да добиваат билатерални грантови, преку нови форми на партнерства и регионални тематски програми ќе продолжат да добиваат средства. Диференцијацијата прво ќе се применува во земјите опфатени со Инструментот за соработка и развој како и Инструментот за европско соседство.

Една од главните иновации и клучна алатка од надворешната политика е новиот партнерски инструмент кој има за цел да ги унапреди и промовира интересите на ЕУ и адресирање на големите глобални предизвици.

Вкупниот износ на буџетот на деветте инструменти во областа на надворешното дејствување за периодот од 2014 до 2020 изнесува 96.249 милиони евра, од кои за Инструментот за претпристапна помош-ИПА, предвидени се 14.110 милиони евра. Унијата ќе продолжи со поддршката на земјите од процесот на проширување преку обновена ИПА, врз основа на позитивното искуство од актуелниот инструмент. Преку ИПА, на земјите од процесот на проширување (Турција, Македонија, Исланд, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово) ќе им се помогне да имплементираат сеопфатни реформски стратегии потребни во подготовката за идно членство во ЕУ, со акцент на регионалната соработка, имплементација на европското законодавство и стандарди, капацитет за управување со внатрешните политики на Унијата по пристапувањето и испорачување на вистински социо-економски придобивки во земјите кориснички.

Повеќе информации на следните линкови:
http://ec.europa.eu/europeaid/how/finance/mff/financial_framework_news_en.htm
http://ec.europa.eu/enlargement/press_corner/whatsnew/news/111207_en.htm

 

 

Click