ЕУ вести



Вторник, 8 февруари 2011 година

Ден на сигурен интернет – Стоп за злоставувањето деца преку интернет

Денеска, на 8 февруари, се одбележува Денот на сигурен интернет, а темата за оваа година е „Нашиот виртуелен живот“ под мотото „Тоа е повеќе од игра, тоа е вашиот живот“ и се става акцент на кампањата на Советот на Европа против злоставувањето деца преку интернет.

„Треба да се запрашаме дали правиме доволно за заштитата на децата на Интернет. Детската порнографија и искористувањето на деца за сексуални цели, се злосторства кои мораат да се спречат. Ја повикувам интернет заедницата да се приклучи кон нашата кампања за да работиме заедно со цел да се стави крај на сексуалното насилство над децата", изјави г. Мод де Боер-Букичио, заменик-генерален секретар на Советот на Европа.

Во последните години Интернетот го користат сè повеќе возрасни лица кои сакаат да остварат врска со деца и сексуално да ги злоупотребат, а онлајн детската порнографија е во пораст.

Статистичките податоци велат дека едно од пет деца во Европа е жртва на сексуално насилство. Во 70-85% од случаите, децата ги познаваат своите злоставувачи, а 90% од сексуалните злосторства не се пријавени. 

Кампањата на Советот на Европа има за цел да ја зголеми свеста на децата, родителите, учителите и останатите кои имаат контакт со деца, за важноста на проблемот, да ги информира како да го спречат и да го пријават сексуалното насилство. 

 

Click