ЕУ вести



Среда, 16 март 2011 година

Нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија на амандманска расправа во Европскиот парламент

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, денеска во Брисел, ќе расправа за 152 амандмани поднесени по Нацрт-резолуцијата за напредокот на Република Македонија, предложена од словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер.

Во документот повторно се препорачува отворање на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија, а предложените амандмани во голем дел се однесуваат на политичката ситуација во земјата.  

Европратениците ќе расправаат по предложените амандмани, меѓу кои: прашањето за името, за кое се вели дека треба да се оддели од процесот на проширувањето; барањето Македонија и Грција да ја почитуваат Времената спогодба склучена во ОН во 1995 година; бојкотот на Парламентот од опозицијата и ризиците од ваквиот развој на ситуацијата.

Воедно, побарано е од Европската комисија и Советот да изработат механизам на арбитража за решавање на билатерални проблеми меѓу земји-кандидати и земји-членки на ЕУ, со цел да се спречи ќорсокакот во процесот на проширување или другите процеси на Унијата.

Во предложените амандмани, се најдоа и настаните на Калето во Скопје, како и проектот „Скопје 2014“. Дел од амандманите се посветени и на ситуацијата со медиумите и новинарството во Македонија, со совети за поголем професионализам.

Неколкумина европратеници од Бугарија и Грција, бараат во предложената Резолуција на г. Талер, терминот „македонски јазик“ да се избрише и да се замени со терминот „официјалниот јазик“.

Без разлика на бројот на поднесените амандмани, европратениците очекуваат да се изнајде компромисна верзија на Предлог-резолуцијата за Македонија, која ќе се разгледува и ќе биде усвоена на пленарната седница на Европскиот парламент во април.

Click