ЕУ вести



Понеделник, 7 март 2011 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Последните случувања во јужното соседство на Европската унија и посебно во Либија, вклучувајќи ги и неодамнешните санкции од Советот за човекови права на ООН, како и актуелната состојба на блискоисточниот мировен процес, ќе бидат во фокусот на стартот од пленарната седница на Европскиот парламет, која започнува денеска, а ќе трае до 10 март во Стразбур.

Членовите на Европарламентот, на првиот ден од седницата, ќе расправаат и за Буџетот за 2012 година.

На дневниот ред ќе се најде и напредокот на Турција и на Црна Гора во преговорите за членство во Унијата и ќе следи гласање за резолуцијата подготвена од Комисијата за надворешна политика.

Ќе стане збор и за Нацрт-резолуцијата на Комитетот за граѓанска слобода, во која се определени приоритетите на Европа за 10 до 12 милиони Роми, кои вклучуваат мерки за поттикнување на нивната социјална, културна и економска интеграција.

Европратениците ќе расправаат и за предлогот на Европскиот совет како со  ограничени промени на Договорот да се постави траен механизам за стабилност на еврозоната.

Утре Европарламентот ќе ја одбележи 100-годишнината на Меѓународниот ден на жената - 8 Март, кога ќе се расправа и ќе се гласа по две резолуции поднесени од Комисијата за правата на жените, едната за еднаквоста на половите, а другата за сиромашната жена.

Во Нацрт-резолуцијата која ќе се гласа в четврток станува збор за иднината на односите меѓу ЕУ и Иран, вклучувајќи ја и можноста за понатамошни санкции. Таа се осврнува не само на нуклеарниот спор, туку и на нарушувањето на човековите права, како на претседателските избори во 2009 година.

Во текот на неколкудневната седница, ќе се оствари и средба со унгарскиот претседател Пал Шмит, кој ќе достави формално писмо во врска со шестмесечниот мандат на претседавање на Унгарија со ЕУ.


Click