ЕУ вести



Вторник, 5 април 2011 година

Претседателот на Европарламентот ја отвори пленарната седница во Стразбур

Зборувајќи за актуелните состојби на Стариот континент и во светот, претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, ја отвори пленарната седница, која започна вчера, а ќе трае до 7 април во Стразбур

Во воведното обраќање, тој ја спомена 25-годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил, која се навршува на 26 април, како и минатогодишната авионска несреќа во Смоленск, во која загинаа 96 лица од Полска, вклучително и претседателот на државата, г. Лех Качињски и 18 полски парламентарци. 

Првиот човек на Европарламентот, исто така, повика за ставање крај на насилството во Брегот на Слонова Коска, со апел Лорен Гбагбо да ја предаде власта.

Тој го потенцираше и случајот со Трој Дејвис, кој е на смртна казна во САД, повикувајќи оваа казна да се преизмени во доживотен затвор.

Господин Бузек проговори и за состојбата во Јапонија, притоа истакнувајќи дека европратениците се со мислите кон јапонскиот народ, кој се соочи со земјотрес, цунами и нуклеарна катастрофа.

На крајот, претседателот на Европскиот парламент посочи дека треба да се преземат мерки во врска со обвинувањата за корупција против некои членови на Парламентот.

Утре, на дневниот ред пред европратениците ќе се најде и напредокот на Република Македонија кон членство во ЕУ и НАТО, а в четврток ќе се гласа за резолуцијата.

Click