ЕУ вести

Четврток, 7 април 2011 година
 
Заврши расправата за напредокот на Македонија кон ЕУ, следи гласање по Резолуцијата 

Република Македонија постигна значаен напредок на повеќе полиња, но и понатаму мора да работи на реформскиот процес во правосудството, слободата на медиумите, политичкиот дијалог, јавната администрација, борбата против корупцијата и спроведување на Охридскиот рамковен договор, а главната причина што преговорите за влез во Европската унија не се почнати, е спорот за името со Грција - беше укажано на вчерашната расправа за напредокот на Македонија кон членство во ЕУ, во рамките на пленарната седница на Европскиот парламент

Времениот известувач за Република Македонија во Европарламентот, бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин, кој го брани Извештајот подготвен од г. Зоран Талер, ја повика идната македонска влада, со сета легитимност од престојните предвремени парламентарни избори, да се зафати со решавањето на името и реформите за членство во Унијата. 

Еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе и унгарскиот министер, г-ѓа Енико Ѓори, чија земја претседава со ЕУ, го оценија Извештајот како урамнотежен и посочија дека Македонија постигнала значаен напредок во многу области, но и понатаму треба да работи на реформите. Тие побараа предвремените избори во нашата земја да бидат транспарентни и во согласност со меѓународните стандарди.  

Најголемиот број од европратениците жалат што нашата земја сè уште нема започнато преговори за членство во ЕУ и покрај препораките кои ги даде Европскиот парламент и Европската комисија.

Денеска во Стразбур ќе се гласа по Резолуцијата, по која се поднесени вкупно девет амандмани од грчки и бугарски пратеници, кои се однесуваат на името и користењето на придавката „македонски“.

 

 

 

 

 

 

 
Click