ЕУ вести



Четврток, 20 јануари 2011 година

Завршница на пленарната седница на Европарламентот

За време на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, која започна на 17 јануари и завршува денеска, покрај останатото, беше ратификуван и Договорот за стабилизација и асоцијација со Србија и изгласана Резолуцијата за европска интеграција на оваа земја, што беше поздравено од страна на претседателот на Европарламентот, г. Јержи Бузек.

„Гласањето и дебатата одржана во Европскиот парламент ја покажува нашата силна поддршка за европските амбиции на Србија“, изјави г. Бузек.

Во Резолуцијата за евроинтеграција на Србија се истакнува дека одлуката на Советот на министри на ЕУ да се направи нов чекор за прием на Србија во ЕУ, претставува важен придонес кон стабилноста на Западен Балкан.

Исто така, се поздравува подготвеноста на Белград да започне дијалог со Косово во ЕУ рамките, се поттикнува Србија да продолжи со започнатите реформи и со соработката со Трибуналот во Хаг.

Во текот на четиридневната седница на Европскиот парламент, унгарскиот премиер, г. Виктор Орбан, ја претстави агендата на неговата земја за актуелното претседателство со Советот на министри .

Приоритети на Унгарија за наредните шест месеци се: подобрувањето на европската економија и отворање нови работни места, проширување на ЕУ. енергетската политика и иновацијата, Дунавската стратегија, климатските промени, семејната политика, демографската ситуација, слободата на религијата, акцијата на ЕУ против прогонот на христијаните и исклучувањето на Ромите и др.

Европратениците вчера го одобрија новиот закон на Европската унија со кој им се дава право на пациентите да побараат медицинска нега во некоја друга земја во ЕУ.

Денеска, пак, усвоена е Резолуција со која се осудуваат нападите во Египет, Нигерија, Пакистан, Филипините, Кипар, Иран и Ирак, се критикува ударот врз христијаните и се укажува на тоа да се почитува правото на слобода на религија.

 

Click