Собраниско раководство

Понеделник, 24 октомври 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба

Почитувани присутни,

Почитувани сограѓани,

Дозволете да го изразам моето задоволство што како претседател на Собранието имам можност да Ви се обратам и да Ви го честитам овој голем празник.

23 октомври не е само еден обичен ден!
На овој датум, во 1893 година е формирана Организацијата што ќе го промени текот на македонската историја! Денес го прославуваме основањето на славното ВМРО!
Денес се сеќаваме на заложбите на татковците на Организацијата, кои силно верувајќи во достижноста на слободата, решија да ги земат работите во свои раце и преку лична жртва да ја обезбедат македонската независност и достоинство.
Поради тоа, 23 октомври е ден кој заслужува достојно одбележување - ДЕНЕС И ЗАСЕКОГАШ, ОД НАС, НО И ОД СИТЕ ИДНИ ГЕНЕРАЦИИ!

Оддавањето почит на оваа голема Организација, која е заслужна за нашето опстојување и зачувувањето на македонскиот идентитет, претставува наша должност и чест!

На овој ден се потсетуваме на патот кој бил изоден за да се остварат мечтите на нашите предци за слобода, права и еднаквост со другите народи.

На овој ден се потсетуваме како може да се оствари еден сон кога толку силно се верува!

Токму поради тоа е важно да не заборавиме дека создавањето на ВМРО е можеби најважниот момент во македонската историја!

Формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација претставува пресвртна точка во нашето постоење!

Визионерството на луѓето кои ја основаа ВМРО се рефлектира преку нивните постигнувања, а врвот на тие успеси е ТОКМУ НЕЗАВИСНА И СУВЕРЕНА МАКЕДОНИЈА!

ВМРО не само што го овозможи нашето постоење денес, туку успеа да спречи и целосно бришење на еден народ и на една цивилизација - опасност која сериозно ѝ се закануваше на Македонија пред само еден век.

ВМРО поттикна многу млади и образовани умови да се вклучат во борбата за независност на татковината и да го дадат својот придонес кон зачувување на нашите македонски зборови, нашата колективна македонска свест и на нашето чувство за припадност кон Македонија!

Иако револуциите во Македонија не почнуваат со ВМРО, сепак ВМРО на македонската борба за независност ѝ даде нешто што дотогаш не беше нејзина главна одлика!

Тоа е организираната борба, цврстата хиерархија и јасната цел!

Основачите на ВМРО, сфаќајќи дека слободата е нешто за што се бориш континуирано и со план, решаваат дека за Македонија да ја стекне својата независност, потребно е организирано изведување на акции, кои заедно ќе придонесат за остварување на посакуваната цел - независна Македонија!

Така постепено се формира организација која нема да постои само до кревањето на наредното востание.

Организација која има многу поголема и повисока цел - создавање на стабилно, трајно и силно движење за ослободување, кое ќе може да дејствува долг временски период, сè до извојувањето на националната победа.

Уште еден значаен белег на ВМРО е ставот околу надворешното мешање во македонската борба за независност. Одлуката да се ограничи улогата на околните земји во македонското прашање недвосмислено ја издвојува Македонија и Македонците како засебен ентитет со засебни интереси. Ваквиот пристап дополнително ја зацврстува македонската позиција дека иако посакуваме добри односи со сите народи, нема да дозволиме нивните аспирации да ја движат и усмеруваат иднината на Македонија.

За жал, дел од тие проблеми нè обременуваат и денес!

Но, основачите на ВМРО ни оставија една многу важна порака која останува вистинита и по еден век - НИКОГАШ НЕ ЧЕКАЈТЕ НЕКОЈ ДРУГ ДА ВИ ГИ РЕШИ ПРОБЛЕМИТЕ!

Решението лежи во нас самите.

Решението е продукт на нашиот труд, на нашата посветеност и на нашата истрајност во намерите!

Водени од оваа премиса, вложивме многу во развојот на Македонија!

Знаевме дека доколку Македонија е силна и стабилна, и нејзината иднина ќе биде сигурна!

Единствениот начин да се постигне тоа, е преку континуирано вложување во земјата.

Ваквиот пристап се покажа како исправен.

Ефектите од чекорите преземени за подобрување на животниот стандард, економијата, правдата, безбедноста и многу други области ги надминаа очекувањата.

Примарно, фокусот го поставивме на економскиот развој, бидејќи знаевме дека со неговото подобрување ќе се смени животот во Македонија.

И НЕ ПОГРЕШИВМЕ!

Потврда за тоа е и рангирањето на нашата држава од страна на Светската банка како 3 реформатор во светот!

Нашата традиција на добар домаќин, која е вткаена во нашата култура, да ја преточиме и во економскиот свет, се покажа како правилна!

Покрај економијата, значителен дел од расположливите ресурси ги насочуваме и кон подобрување на правдата, судството, борбата со корпуцијата и организираниот криминал.

Знаеме дека освен економската стабилност, другата најважна работа за секој Македонец е безбедноста и владеењето на правото. Имајќи предвид дека овие две области се тесно поврзани и меѓузависни, вложуваме надчовечки напори да направиме колку е возможно поголем прогрес, во колку е можно пократко време.

Во тоа верувам и дека успеваме.

Стабилизирањето на економијата и подобрувањето на владеењето на правото, ни овозможуваат да посветиме поголемо внимание на повеќе други области, кои долго време беа запоставувани.

Пример за тоа е интензивниот развој на културата, каков Македонија нема забележано во својата 20-годишна историја како независна држава.

Културата е обележје на нацијата.

Преку културата се истакнуваат вредностите на нашиот народ кои се создавани и гаени со милениуми.

Културата заедно со историјата е носител на националниот дух и на сè она што значи да се биде Македонец.

Токму нашата култура и традиција нè одвојуваат и прават тоа што сме, а воедно и нè доближуваат до останатите европски народи со кои споделуваме слични вредности.

Освен во културата, интензивно вложуваме и во развојот на образовниот систем.

Не постои подобар начин да ѝ се заблагодариме на татковината од инвестирање во самите себе.

Учените луѓе раководат со светот, прават пробиви во медицината, во науката, ја развиваат економијата и придонесуваат за општото подобрување и олеснување на животот на човекот.

Наша цел треба да биде нашите деца да ги надминат успесите на своите родители и да го продолжат трендот на развој, кој го започнаа основачите на ВМРО!

Почитувани дами и господа,

Основањето на ВМРО е историски чин, кој има клучно влијание во националното будење на Македонците за создавање сопствена држава.

Подоцнежните буни и востанија, вклучително и  борбата за национално ослободување за време на Втората светска војна, се темелат на идеите на ВМРО и се организирани од луѓе припадници на Организацијата.

Припадниците на ВМРО, поради злоупотребата и извитоперувањето на идеите на учесниците во Втората светска војна, од страна на новата комунистичка власт, активно се борат и лобираат низ светските центри, залагајќи се за демократско уредување и за пазарно стопанство во, за жал, веќе уредената македонска социјалистичка држава, за што биваат гонети, затворани и убивани од страна на властите.

Конечно, водени од идеите на ВМРО, во предвечерјето на распадот на СФРЈ, дел од македонските граѓани ЈА ВОСКРЕСНАА ИДЕЈАТА ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА, КОЈА НА РЕФЕРЕНДУМОТ ОД 8 СЕПТЕМВРИ 1991 ГОДИНА СТАНА РЕАЛНОСТ!

Празнувањето на 23 октомври е неопходно и затоа што тоа претставува најдобар начин државата да им искаже благодарност на сите припадници на ВМРО од 1893 до 1990, кои беа убиени, следени или кои лежеа по казаматите на Св. Гргур, Голи Оток или во Идризово.

Драги пријатели,

УСПЕХОТ НОСИ ДРУГИ УСПЕСИ!

Верувам дека славните комити, основачи и членови на големото ВМРО би биле горди на иднината која Македонија денес ја живее, а која со неа ја живееме и ние.

Многумина дадоа сè за овој народ и оваа земја конечно да можат да го заземат своето место како еднакви помеѓу народите и земјите од светот.

Таа одговорност кон нив и нивното дело нè инспирира да го продолжиме и да го надградиме истото!

Поради сето ова, но и поради многу повеќе, на овој ден се сеќаваме на делото на основачите на ВМРО, бидејќи НЕМА НИШТО ПОВАЖНО ОД ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ФАКЕЛОТ НА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА МАКЕДОНЦИ!

СЛАВА И ПОКЛОН КОН СИТЕ БОРЦИ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА!

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА!

БИДЕТЕ БЛАГОСЛОВЕНИ СИТЕ И ГОСПОД НЕКА ЈА БЛАГОСЛОВИ НАШАТА ТАТКОВИНА!

БЛАГОДАРАМ.
Click