Собраниско раководство



Петок, 2 март 2012 година, Рокдеил

Претседателот Вељаноски оствари средба со градоначалникот на Рокдеил, г. Бил Сарвиновски

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и членовите на Делегацијата на Собранието на Република Македонија,  пратениците: г. Илија Димовски, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Џеват Адеми и г. Милорад Додевски, денеска остварија средба со градоначалникот на Рокдеил, г. Бил Сарвиновски.

Господин Сарвиновски го информираше претседателот Вељаноски дека ова е негов шести мандат по ред, како и за локалните избори и кампањата која ја водел во општината, работата на Советот на Рокдеил, за приходите и транспарентноста пред јавноста, како и дека подеднакво се грижи за проблемите на сите заедници кои живеат во Рокдеил, каде Македонската е бројна, околу 13.000. Дополнително, г. Сарвиновски се осврна и на работењето и значењето на фудбалскиот клуб Илинден.

Претседателот Вељаноски истакна дека е горд што е претставник на Република Македонија во Австралија, зашто Македонија е татковина на заедницата која е лојална на Австралија и преку своето делување значително придонела и придонесува за целокупниот развој на Австралија. Тој истакна дека Македонската заедница, која зборува со единствен глас, може да ги исполни сите зацртани цели.

Претседателот Вељаноски, исто така, ја посети државната болница Св. Ѓорги, која се наоѓа во општината Рокдеил и во која се вработени многу Македонци и која лекува и третира Македонци од оваа општина и пошироко. Тој беше информиран за работата на болницата, за капацитетите со кои располага и за болничките одделенија. Особено беше нагласено купувањето на новиот ПЕТ-скенер, во чија набавка помогнал и градоначалникот Сарвиновски и граѓаните на општината, преку различни акции за собирање средства.

Претседателот Вељаноски го посети и спортскиот центар Илинден во Рокдеил, каде се сретна со управата на фудбалскиот клуб и со бројната Македонска заедница на општината Рокдеил. 

Click