Собраниско раководство

Четврток, 8 март 2012 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ГРУПАТА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО СО МАКЕДОНИЈА ОД ПАРЛАМЕНТОТ НА ШВЕДСКА

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со Групата за пријателство со Македонија од Парламентот на Шведска.

Делегацијата  беше составена од г. Оскар Охолм, претседател на Групата, пратеник и член на Модерати - Партија на умерени и пратениците – членови на Групата: г-ѓа Сузан Свенсон, член на Социјалдемократската партија; Петер Радберг, член на Партијата на зелените и г. Микел Свенсон, член на Модерати - Партија на умерени.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски ја претстави работата на Собранието и актуелните случувања во Република Македонија, нагласувајќи дека Република Македонија три години последователно добива позитивни Извештаи за напредок од Европската комисија, но поради добро познатиот спор со Грција, нејзиниот пат кон Европската унија е попречен.

Сепак, и покрај споменатиот спор со Грција, Република Македонија ги спроведува сите реформи и директиви кои доаѓаат од Европската унија. Република Македонија, нагласи претседателот Вељаноски, прифаќа совети и искуства од пријателски земји како Шведска.

Господин Охолм нагласи дека една од задачите на Групата за пријателство е да ја подигне свесноста на граѓаните на Шведска за настаните и состојбата во Република Македонија, како и да придонесе во насочување на јавната расправа кон проширувањето на Европската унија. 

Присутните се согласија дека Република Македонија ги има спроведено реформите и директивите на ЕУ, и покрај тоа што не е членка на Европската унија, зашто истите не се само услов за членство во Унијата, туку се придобивка и за граѓаните и за државата

 

 
Click