Петок, 16 март 2012 година Средба на претседателот Вељаноски со заменик- претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Албанија, г. Едмонд Хаџинасто Посакувајќи му добредојде на г. Едмонд Хаџинасто во Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, ја потенцираше добрата соработка и високото ниво на развој на билатералните односи меѓу двете земји, кои се потврдуваат со зголемениот број на посети од највисоко ниво.
Претседателот Вељаноски истакна дека приоритетите на Република Македонија се евроатлантска интеграција, но за жал, на тој пат Македонија е попречена со блокадата која доаѓа од страна на јужниот сосед. Република Македонија ги спроведува реформите и директивите кои доаѓаат од Европската унија, истакна претседателот Вељаноски. Тој потенцираше дека реформите не се спроведуваа само да се задоволат барањата на Европската унија, туку тие се спроведуваат пред сè за граѓаните на Македонија.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски на средбата го увери г. Едмонд Хаџинасто дека Република Македонија сака и гради пријателски однос со сите соседи и дека ѝ придава голема важност на регионалната соработка и давајќи притоа целосна поддршка на Република Албанија за афирмирање во регионалните иницијативи.
Министерот за надворешни работи на Република Албанија г. Едмонд Хаџинасто, потврди дека Република Македонија и Република Албанија градат пријателски и добрососедски однос кој се темели на соработка и доверба.
Тој истакна дека заеднички се приоритети за зачленување во европското семејство и ѝ честиташе на Република Македонија за досегашниот напредок и изрази надеж дека наскоро Република Албанија ќе ги забрза реформите и ќе стане дел од европското семејство.
Министерот Хаџинасто го поздрави функионирањето на Охридскиот договор и истакна дека тоа е одличен пример на европското интегрирање на етничките заедници, со што Република Македонија дава успешен пример на земјите од регионот. Тој истакна дека определени поединечни инциденти со етнички предзнак, кои се случуваат во последно време, не можат да ги нарушат пријателските односи меѓу двете земји.
На средбата, исто така, стана збор и за економската соработка која во иднина треба да се интензивира, но дека за тоа е потребна изградбата на подобра инфраструктура и поврзување на двете двете држави.